септември 26, 2019

Охрид, 26. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со одлуката за времен прекин за постапување по урбанистички планови, „врзани“ ни се рацете за да можеме да постапуваме со плажите, вели градоначалникот Константин Георгиески.

Во оваа ситуација на мораториум и истечен договор за концесија на некои сопственици на плажи не може да се распише нов повик затоа што тоа е постапување по урбанистички план.

Георгиески кажа дека и од Антикорупциската комисија било побарано информација за состојбата со плажите. Доставена е обемна докумантација, а сето тоа ќе биде сублимирано и дадено на разгледување пред советниците и јавноста за десетина дена.

– Сега немаме ни основ по кој да наплатиме. Ние не можеме да донесеме решение за забрана за вршење на дејност на плажите. Единствено што можам е да постапам по решението донесено во јуни 2017 година, после завршување на концесиите, а тоа е за отстранување и враќање на плажите во првобитна состојба, дециден е Георгиески.

Градоначалникот информира дека решенија за рушење им се доставени уште во јуни 2017-та година кога им истекла концесијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука