октомври 15, 2021

Охрид, 15. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во недела вие одлучувате, дали одиме напред или се враќаме назад. Вие одлучувате дали нашиот град ќе продолжи со започнатиот развој и подобра иднина за сите или ќе се врати во неизвесност и деструкција, порача на завршната прес конференција Константин Георгиески, кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

– Нашиот труд и нашите дела се видиливи, вие добро знаете како работиме и колку успеавме да реализираме во текот на изминатиот период, а добро знаете и се сеќавате како беше додека на власт беше сегашната опозиција. Нашата борба за Охрид е реална, а тие и на овие локални избори покажаа дека на цена им се само нивните лични интереси. Доколку толку го сакаа Охрид зошто не поднесоа оставка на функциите кои ги имаат, туку чуваат резервна фотелја и си играат со довербата која им ја довериле граѓаните, рече Георгиески.

Сега е момент да не се поколебате и вие, драги охриѓани и да не дозволите нашиот Охрид повторно да се врати во несигурност и во рацете на незрели политичари без визија и план. Сега веќе знаеме на што сме. Со нас е јасно на што сте, додаде тој.

– Во Охрид е инвестирано како никогаш до сега и покрај сите турбуленции, проектите не застанаа ниту еден момент и постигнавме реализација каква што немало во цела претходна деценија.
Ние сме тие кои ги реализираат проекти. Ние сме тие кои градат улици, канализации, водоводи, реконструираат училишта. Ние сме тие кои обезбедуваат подобри услови за развој на туризмот и подобра социјална сигурност за сите граѓани.
Ние сме тие кои носат храбри одлуки и затоа од нас знаете што може да очекувате. На спротивната страна се политичари полни со омраза и очај, кои ќе го однесат Охридво непознат правец, затоа што немаат концепт,немаат програма, а немаат ни дефиниран став и јасен одговор за ниту едно стратешко прашање за Охрид. Тие знаат да кажуваат само лаги, манипулации и популизам. Tие имаат капацитет да снимаат само реклами во нивната Бела палата, изградена со вашите пари. Да не дозволиме нивната безидејност, блокади и кочничарење да го спроведуваат и во Охрид. Конечно да го завршиме нивното време и да не им дадеме пак да ја ограбуваат општината и државата, потенцира Георгиески.

Тој повика на масовна излезност на гласачките места в недела и со заокружување на бројот 12 да се избере најдоброто за Охрид.

– Ова е моментот на одлука. Ајде заедно да инвестираме во сегашноста и во иднината на нашите деца. Убедени сме дека заедно со вас уште во првиот круг, ќе донесеме уште една голема победа за Охрид. Охрид заслужува да оди напред, а охриѓани го заслужуваат најдоброто.12 за развој, 12 за иднина, 12 за победа, 12 за Охрид, заврши Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука