Охрид, 11. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Како власт покажавме на дело дека сме посветени на сите важни сегменти од општественото живеење, особено за заштитата на животната средина и природните богатства на нашиот регион, порача на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ д-р Константин Георгиески, кој на граѓаните им го честита 11-ти октомври, Денот на народното востание со желба и надеж дека ќе продолжиме заедно и сплотени на патот кон подобра и посветла иднина за сите.
– Грижата за почиста животна средина е клучна за поквалитетен живот на жителите и создавање на убав животен простор. Продолжуваме да преземаме мерки за спроведување на современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден културен и туристички центар. Еден од носечките проекти во нашата програма е „Зелена оаза“ кој предвидува уредување на паркови и зголемување на градското зеленило во Охрид. Предвидуваме уредување на парк зона на потегот на Студенчишкото блато. Веќе е започната процедура за носење на Закон за прогласување на блатото за Парк на природата, со што ќе се овозможи негова поголема заштита. Со цел да се обезбеди соодветна промоција на вредностите на блатото и истите да се презентираат пред туристите, во зоната која ќе биде предвидена за активно управување предвидуваме уредување на репрезентативна локација, интересна за посети и за збогатување на туристичката понуда на градот. Преземаме мерки за уредување на Парк шумата „Кале“. Овој зелен потег има голем потенцијал за рекреација на жителите и нуди неповторливи прошетки за туристите, истакна Георгиески.
Тој напомена дека преку сепофатна анализа на стручни лица и наменски проект, пристапуваме кон обновување и пошумување на овој дел со нови дрвја и зеленило.
– Планирани се нови пешачки патеки, соодветна урбана опрема, осветлување, како и видиковци на најатрактивните панорамски локации. Носиме решение за уредување на зеленилото и просторот во непосредна близина на Билјанини извори. Со сите нови содржини, овој потег ќе стане атрактивно место за прошетки, одмор и рекреација и значително ќе ја зголеми понудата за туристите. Планираме идејно решение за парковско уредување на слободниот простор во близина на спортски центар Билјанини извори. Планирано е подигнување на нов дрворед, хортикултурно уредување на просторот, нови патеки, фонтани, урбана опрема и останати еко содржини. Исто така како што најавивме и претходно предвидуваме и уредување на нова парк зона во рамки на комплексот „Градски парк Касарна“. Во насока на зголемување на зеленилото во градот планираме реорганизирање и проширување на постојните зелени зони по должина на градскиот кеј и подигање на нови дрвореди на повеќе улици во центарот на градот и периферната област.
Имаме вистински планови за најаважните приоритети и нудиме решенија за сите потреби на граѓаните. Ја имаме најдобрата програма за Охрид. Затоа во недела, на 17-ти октомври да го избереме најдоброто. Да гласаме за бројот 12, за уште една голема победа за Охрид, потенцираше Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива