Охрид, 29. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Кандидатот за градоначалник на Охрид на Коалицијата предводена од СДСМ, д-р Константин Георгиески, во денешното завршно обраќање пред вториот круг од Локалните избори, посочи некои од проектите спроведени во текот на скратениот градоначалнички мандат.
– Со прво што се зафатив како в.д градоначалник беше процесот на раздолжување на општината, од 1,6 милијарди денари долг стигнавме до 295 милиони и сме на прагот на комплетно деблокирање на сметката на општината. Работевме на проекти што со децении беа ветувани и избегнувани од сите локални самоуправи, ние одлучно и вредно работевме и ги реализиравме, рече тој, притоа посочувајќи го примерот со целосната реконструкција на улицата „Абас Емин“, улицата „15-ти Корпус“ на влезот од насока на Битола, улицата „Јане Сандански“ и многу други.
Георгиески посочи дека од првиот ден кога станал градоначалник на Охрид вложил голем напор и многу енергија за задржување на статусот на градот и езерото во УНЕСКО.
– Проблемот беше децениски, тежок за решавање, комплексен, бараше храбри одлуки, многу мудрост и трпение. Се зафативме и како резултат на нашите заложби и делување, Охрид и ден денес е на листата на светското културно и природно наследство. Треба сите да сме горди на тоа, тоа е печат кој го имаат само 38 други места во светот, печат кој е магнет за туристите, предуслов за нашиот град да биде посетуван од гости од целиот свет…Тоа е нешто за што треба да се бориме и залагаме сите како охриѓани, рече Георгиески.
Тој уште посочи на многуте реализирани проекти за подобрување на условите за спроведување на образовниот процес во градот, реконструирани училишта, дограма, покриви на објекти, нови спортски сали…
– Храбро работевме во интерес на Охрид и граѓаните, нашите резултати се реални и видливи. Времето беше кратко, имаме уште многу проекти подготвени за реализација. Почнавме со реконструкција на улицата „Прилепска“, следува обнова на улицата „Будва“, катната гаража е во постапка за добивање дозвола за градба. Улицата „Македонски просветители“ е со потпишани договори со изведувачите и градежните активности можат да почнат, рече меѓу другото Георгиески.
Тој нагласи дека е одржана вистинска лекција како се работи, како се сака својот град. Од охриѓани побара да се обединат кон просперитетното, кон реалното, кон најдоброто, да излезат на изборите и да ја дадат поддршката кон реалното, кон видливи проекти, а не кон фиктивни гаранции од луѓе без визија и однос кон владеење на правото.
– Охрид е светско културно наследство, Охрид е наша светост, дом на сите нас, дом на нашите предци и на идните генерации. Да излеземе заедно обединети и да го продолжиме патот кој го зацртавме, рече Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива