Охрид, 30. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Еден од носечките проекти на кој посветено ќе работиме во текот на наредниот период е проектот „Урбана култура“. Овој проект се однесува на низа инфраструктурни зафати, чија цел е градот да добие функционално решение за централното подрачје, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески.
Како почетен зафат најави реконструкција на плоштадот „Чинар“ заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“ кои ќе добијат комплетно нов и современ лик. Реконструкцијата предвидува замена на постојниот плочник со нови гранитни плочки, замена на постојната фонтана, уредување на просторот околу „Чинарoт“, нова урбана опрема и осветлување.
– Во моментот се чека конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, кое беше аплицирано на 15-ти јули оваа година. За разлика од останатите кандидати кои само таксативно и паушално ветуваат проекти, од кои голем дел, се пред почеток на реализација, ние нудиме конкретни идеи и решенија со детални описи.
Имамe план и преземаме конкретни мерки за враќање на сјајот и автентичниот изглед на охридската чаршија. Чаршијата по целата нејзина должина од „Чинарот“ до Градскиот плоштад ќе биде поплочена со гранитни плочки и ќе биде извршено унифицирање на излозите и рекламните паноа на деловните објекти.
Како најважен сегмент од проектот „Урбана култура“ е реконструкција на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, согласно сите предвидени мерки за заштита и чување на препознатливите визури на градот. Ќе се изврши обнова на целата негова површина, ќе биде поставена автентична урбана опрема, осветлување и ќе биде извршено современо хортикултурно уредување, рече Георгиески.
Додаде дека во согласност со препораките на УНЕСКО ќе бидат заменети бехатон плочките од сите локации во заштитениот дел на градот, со природни материјали, согласно староградската архитектура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/ФБ