април 26, 2017

Скопје/Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Голем дел од засадените палми низ градовите, измрзнаа и не ги издржаа ниските температури зимава.

– Планинската суптропска клима и онаа која е присутна во пониските котлини во Македонија е сосема различна- кај нас летата се проследени со суви и топли воздушни струења и често долг период на суша што претставува ограничувачки еколошки фактор за алохтоните (странски, внесени, интродуцирани) палми. Тоа ги ослабува физиолошки и може целосно да ги исуши или трајно оштети. Дополнително, во текот на зимата, поради тоа што се засадени како дрворед (алејно дрвје) наместо онака како што природно успеваат- во поголеми или помали групи формирајќи шумички, ја немаат заштитата од матичниот насад односно стеблата не можат да се штитат од неповолните надворешни влијанија едни со други, потребно е да се заштитуваат на различни начини околу кореновиот систем и лисјата, вели доц. д-р Бојан Симовски од Катедрата за ботаника и дендрологија при Шумарскиот факултет.

Според агрометерологот Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеролошки работи, климатските услови се причина за тоа што голем дел од палмите се исушија.

– Почвените услови ги исклучувам оти ние имаме разноликост на почвени типови на кои би можеле палмите да успејат. Но проблемот настанува со климатските фактори. Тоа се тропски растенија и самото име кажува дека треба да бидат во тропските подрачја, сите тие бараат одредени температури. Кај нас ниту температурите во зима ниту во лето им одговараат. Ние годинава имавме прв пат една зима која беше вистинска зима. Ваквата зама со вакви температури кои морам да кажам и не беа толку екстремни оти во минатото сме имале и пониски температури, е причината поради која се исушија скоро сите палми засадени во земајва, вели Ангелески.

Проектот на актуелната влада за садење на палми се спроведе преку ЈП Македонски шуми и Паркови и зеленило. Пред три години ЈП Македонски шуми набави 1.100 палми за што се потрошија скоро половина милион евра.

Освен во Скопје, палми се насадија и во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Прилеп, Гевгелија. (Крај)

извор: Фактор фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука