Охрид, 28. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Изминатата 2024 беше повеќе од добра и успешна година за Калиопи.
На почетокот на годината, заедно со својот продуцент Ромео Грилл го реализираа својот нов албум насловен „Албум“, кој беше промовиран на крајот на мај со четири нови видеоспотови.
– На тој начин ги одбележаа и 40-те години од нивната заедничка соработка. И тоа не беше сè. Во текот на летото, таа уживаше заедно со својата публика во Македонија на големите концерти во Охрид и во Битола, заклучно со големиот концерт во преполната арена „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што уште еднаш потврди колку е голема поврзаноста меѓу неа и публиката, како и значењето на музиката што се создавала сите овие години наназад, сè до денес. Пред големите подготовки за нејзината регионална турнеја, таа реши годинава да ја заврши со уште едно изненадување за публиката. Го реализира и седмиот видеозапис за песната „Дај, дај ми дај“ од новиот албум, во соработка со Мелем продукција. Со песната и видеоспотот, таа сака на сите луѓе да им ги честита претстојните новогодишни и Божикни празници.
– Среќна сум и благодарна што имав ваква година. И токму затоа сакав на некаков начин да им се заблагодарам на сите оние што придонесоа за оваа среќа, а истовремено да пратам порака до луѓето – никогаш да не престанат да веруваат во себе, во добрите нешта и во нивното споделување. Песната „Дај, дај ми дај” нека биде потсетник за сите нас – секогаш да веруваме во себе и во она што го сакаме, вели Калиопи.
Музиката за „Дај, дај ми дај“ е дело на Ромео Грилл, кој се погрижи и за аранжманот и продукцијата, а текстот е на Калиопи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива