Охрид, 28. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – По повод големиот верски празник „Успение на Пресвета Богородица“, во народот попознат како „Голема Богородица“, кој се прославува денес, во селото Свињишта ќе се одржи голема прослава, а од Црковниот одбор ги покануваат сите верници да го посетат светото место кај манастирот.
Меѓу 12-те големи христијански празници спаѓа и празникот „Голема Богородица“, а поради големиот култ што го има Мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.
На прославата во Свињишта ќе настапат Дарко Стојаноски и Владо Костески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива