Охрид, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Електроинженерот Горан Јанковски е новиот генерален директор на АД ЕМО – Охрид.
Од раководството на ЕМО потврдија дека на огласот за избор на генерален директор, освен Јанковски се јавиле уште двајца кандидати, досегашниот директор Зоран Филоски, како и поранешниот генерален директор Љубе Ставрески.
Јанкуловски работи во ЕМО од 1990 година. Пред него стојат исправени бројни предизвици со кои ќе мора да се соочи за да се надмине тешката финансиска состојба во која се најде оваа некогаш многу успешна фабрика. Државата досега имаше неколку обиди за продажба на АД ЕМО кои за жал завршија неуспешно.
Незадоволни се и вработените во компанијата кои имаат неисплатени плати. Околу 200 вработени во декември минатата година протестираа во Охрид и пред Владата во Скопје, барајќи да им се исплатат 30-тина заостанати плати и придонеси, и да се регулира нивниот статус на вработени.
Тие до денеска му дадоа рок и на премиерот Груевски да им закаже средба, за како што велат, да му ја објаснат состојбата во која се наоѓаат.
– Доколку и денеска не добиеме одговор, тогаш повторно ќе излеземе на протести во Скопје. Ние инсистираме да не’ прими премиерот, а не некои помлади државни службеници во Владата. И средбата што ја имавме кон средината на декември со министерот за економија се покажа како неуспешна, вели претседателот на синдикалната организација на ЕМО Производство Миле Крстаноски.
извор: ОхридПрес фото: архива