Охрид, 28. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Сакам ново Детско одделение во Општата болница во Охрид, вели Гордана Лолеска, која е дел од „Охридските приказни“, кои во текот на септември се раскажуваат во охридското „Форт кафе“.
– Сакам ново Детско одделение во Општата болница во Охрид, со педијатри, добри дијагностичари, кои навремено ќе ги препознаат симтомите кои по себе ги носат ретките болести, а истовремено ќе ги советуваат родителите за потребата од пренатална дијагностика и неонатален скриниг, вели Лолеска.
Интервјуто е најава за уште едно уникатното доживување кое ќе се одржи во „Форт кафе“, во четврток, на 29-ти септември 2022 година, во 19:00 часот.
– Гордана Лолеска е мајка на три деца, ќерката Емилија и близнаците Андреј и Давид. Личниот животен предизвик наречен „Алпорт“ го преточи во борба за правата на сите лица и нивните семејства кои секојдневно се соочуваат со некоја ретка болест. Нејзиното четврто чедо е проектот „Ги запознаваме ретките болести“, проект роден и израснат во Охрид, но патува во соседството, Европа и преку океанот и веќе 4 сезони ја запознава јавноста со ретките болести. Личната приказна и борба ја објавуваат светски списанија, нејзината работа е прикажана на светски конгреси и конференции, со што Гордана преку гласот и борбата за ретките го прави Охрид препознатлив по својата хуманост, гордост, заедништво и реткост. Бескрајната упорност и посветеност на својата кауза јавноста ја препозна, а Охрид ја награди со повелбата „Св. Климент Охридски“ – Патрон на Охрид, информираат од „Форт Кафе“.
Со неа ќе разговараме каков сакаме и каков може и треба да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид.
„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing