Охрид, 5. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со поддршка на локалната самоуправа извршена е реконструкција на една училница, а завршена е постапката за набавка на 15 интерактивни табли во вкупна вредност од 1.100.000 денари во ООУ „Христо Узунов“.
– Во текот на минатата година во ова училиште набавивме нови клупи и столчиња, а комплетно со донација од Државна лотарија на Македонија беше реконструирано спортското игралиште во училиштето. Особено сме горди со добиениот грант од страна на Американската донаторска организација со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија во вкупен износ од 25.000 евра од кои 15.000 евра се инвестираат во изградба на нова училница во училиштето, додека 10.000 евра се наменети за поставување на систем за греење во училишната спортска сала и со тоа значително се подобруваат условите за настава во рамки на ова училиште, информира градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Додава дека согласно плановите и потпишаниот договор со Светска банка, ООУ „Христо Узунов“ е дел од проектот за комплетна реконструкција на три основни училишта во Општина Охрид при што е планирано поставување на енергетски ефикасна фасада на училиштето и спортската сала, промена на внатрешните врати и поставување на лед осветлување во ходниците.
– Континуирано образованието е нашиот приоритет и продолжуваме со подобрување на условите во сите образовни институции во Општина Охрид, потенцира Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива