Охрид, 15. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со нивото на Охридското Езеро будно се следи и се преземаат потребните мерки во случај да продолжат ваквите временски прилики, беше заеднички заклучено на денешната средба на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и директорот на АД ЕЛЕМ Драги Миноски.
– Континуирано ја следиме состојбата со нивото на Охридското Езеро и сме во постојан контакт со АД ЕЛЕМ, кој го контролира испуштањето на водата во Дрим. Исто така ја следиме состојбата на реките и каналите кои се влеваат во езерото. За жал, поради нераспишана тендерска постапка во минатата година, коритата на реките и каналите не беа исчистени, но ние исчистивме делови на најкритичните места, а целосно чистење ќе направиме по смирување на водотеците, рече градоначалникот Јован Стојаноски.
Директорот на АД ЕЛЕМ Драги Миноски рече дека поради брзото топење на снегот, интензивните врнежи дожд и високите температури, нивните екипи се постојано на терен и го следат брзиот раст на нивото на Охридското Езеро.
– Работиме максимално за да го оптимизираме нашето производство со оглед на фактот дека и нашите електрани во изминативе два месеци работат на максимално ниво. Ја употребуваме водата и правиме напори за да ја задржиме, но притоа да не направиме штета на Охрид и Струга, а исто така да не направиме штета по течението на реката Дрим, рече Миноски.
Тој објасни дека се контактира и со надлежните органи во соседна Албанија, се со цел да се контролира ситуацијата низ целиот Дримски басен. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид