Охрид, 30. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Транспарентното, отчетното и отвореното работење е она за што јас се определив од самиот момент кога одлучив да го „изодам“ патот , а потоа и ја добив довербата да бидам градоначалник на сите Вас, истакна градоначалникот Јован Стојаноски во отчетот за првите 100 дена од неговиот мандат.
Тој потенцира дека со стапувањето на функција како нов градоначалник и локална самоуправа не наишле на ниту еден проект, па периодов го искористиле за објавување на тендери за изработка на проектни документации.
– Општина за сите е оној проект којшто го зацртавме, го ветивме и ги отворивме вратите за сите граѓани на Општина Охрид. Го отворивме и новото крило на општинската зграда. Со музичките и забавните содржини што Охрид ги понуди за дочекот на Нова година, но и периодот пред и потоа, како дел од проектот „Од 20 до 20- ти СИТЕ ВО ОХРИД“ видовме дека е можно сместувачките капацитети да се полни и вон сезона. Настапија врвни изведувачи кои направија успешни концерти. Со добро менаџирање сакаме Охрид да биде активен во текот на целата година. Тука нема да застанеме, рече Стојаноски.
Во делот на реализирани инфраструктурни проекти, градоначалникот ги потенцира: реконструкцијата на кровот од градинката „Развигорче“, во вредност од 740.000 денари, за каде е планирано и промена на системот за греење и енергетска ефикасност, промена на системот за греење во градинката „Росица“, односно набавка на два котли на пелети од по 42 kw, силос за пелети од 400 килограми, радијатори во просторија (трпезарија во која се хранат децата) во која нема грејни тела и работна рака за поставување на системот со проценета вредност од 356.000 денари.
– Во тек се активностите за изработка на основни проекти за реконструкција на улица „Коста Абраш“ која вклучува и уредување на плоштад „Табана“. За наведениот проект располагаме со основен проект, извршена е ревизија на истиот, а дополнително ќе обезбедиме одобрение за изведба на планираните активности. Проценетата вредност за на проектот е 35.000 евра. Реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ со краковите „Гоце Делчев“ и „7-ми ноември“, како и изградба на пешачка патека од Саат кулата до старото училиште „Свети Сава“. Проценетата вредност на проектот е 17.500 евра. Се изработува проектно-техничка документација за целосна реконструкција и поставување на атмосферска канализација на улицата „7-ми ноември“ од кружниот тек кај Здружение на возачи до пресекот со улицата „Егејска“. Предвидена е и целосна реконструкција на улицата „Абас Емин“, со поставување на нова водоводна, атмосферска и канализациона мрежа. Започната е реконструкција на регионалниот пат Косел-Вапила, потенцира градоначалникот.
Стојаноски рече дека го решиле долгогодишниот проблем со доцнење на уплатата на придонесите за здравствено осигурување на вработените во охридски Водовод.
Биле завршени договорите со Владата и министерството за животна средина и просторно планирање за доизградба и реконструкција на колекторскиот систем. Она што следуваат како проекти се пренасочување на река Сатеска во старо корито со што ќе се решат бројните еколошки проблеми, потоа на река „Грашница“ се планира систем на брани и каскади за спречување на можни наноси, а ќе бидат поставени и решетки за фаќање на цврст отпад, тука е изработката на студија за Студенчишко блато и решавање на проблем за изградба на марина.
Со проект за прекугранична соработка вреден 1.320.000 евра ќе се премине на одржливо управување и третман на био отпад со употреба на метод на производство на био гориво.
Градоначалникот за месец март го најави и почетокот на проектот за гасификација на Охрид, за кој првите резултати се очекуваат во октомври годинава. Урбанистички, целосно е ставен во функција просторот на поранешната касарна „Михајло Апостолски“ и се очекува со овој проект ќе бидат разрешени проблемите со полицијата, пожарната и неколку останати институции и објекти во Општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес