Охрид, 3. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos ќе учествува на 29-от Интернационален хорски фестивал „Блистави гласови“, што од утре до 7-ми јули ќе се одржи во Ниш, Србија.
По повеќе од успешното шесто издание на Меѓународниот фестивал „Гласот на Охрид“ што го организиравме, сега сме сконцентрирани на учеството на Интернационалниот хорски фестивал во Ниш. Настапуваме во натпреварувачкиот дел, а впечатливо за овој фестивал е што хоровите не се пријавуваат, туку се натпреваруваат на покана на организаторите, вели за Супер радио и OhridPress диригентот Бурим Хидри.
– Ќе се претставиме со четири композиции: Ubi caritas – О. Gjeilo, повторно имаме композиција од охридскиот композитор Гоце Гавриловски – Bum ta ka bum, следна ќе биде Konj – I. Matvienko, аранжман I. Denisova и Besame mucho – C. Velasquez, аранжман J. Galvan, рече Хидри.
Композицијата Bum ta ka bum е за осум гласен мешан хорски состав. Охридскиот композитор Гоце Гавриловски вели дека делото е создадено оваа година и е напишано специјално за Vox Lychnidos и посветено на хорот.
Покрај охридскиот, како единствен хор што ќе учествува од Македонија, ќе настапат и состави од домаќинот Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Грција, Словачка, Турција и Молдавија.
Благодарение на квалитетот во изведбите, изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на настапите, што го препознаа експертите во оваа област, Vox Lychnidos е поканет да учествува на овој фестивал. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива