август 8, 2019

Охрид, 8. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридските советници денес ја усвоија Одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови, со што се постапува по Заклучоците од 146-та седница на Владата за прогласување мораториум на градежните активности.

– Општина Охрид ја почитува и прифаќа реафирмацијата на определбата на македонската Влада да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културно наследство на Охридскиот регион. Се воведува времен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко плански документации и архитектонско-урбанистички проекти на територијата на општина Охрид. Времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат за издавање на одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба по стапување на сила на одлуката. Сите постапки со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација, стои во Предлог-Одлуката.

Во истата се напоменува дека Одлуката не се однесува на: извод од план, решение за измени во тек на градба, промена на инвеститор, реконструкција, адаптација, пренамена, решение за градби за кои не се издава одобрение за градење, отпочнатите постапки за издавање на одобрение за изградба, надградба и доградба. Одлуката не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти.

На денешната седница воздржано гласаа само советникот од редовите на ДУИ Нефи Усеини и советникот на БЕСА и Алијанса на Албанците Џемал Мена.

Градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески истакна дека го радува фактот што е изразено единство.

– Во зададениот рок изработивме акционен план. Денес започнуваме со реализација. Од денес имаме времен прекин. Оние што имаат правосилно решение ќе можат да продолжат со градба, истакна Георгиески.

Ваквата одлука ја поздрави и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, кој рече дека не знае дали генералниот мораториум е правилен или не, но од некаде мора да се почне.


– Ние сега требаше 10-ти пат да разговараме на оваа тема, а не првпат и поттикнати исклучиво од она што претставува препораки на УНЕСКО кои постојано се повторувале. Реалноста е дека во периодот кој следи ние како град мора да направиме нешто, дали е мораториумот правилно нешто или не, не знам, меѓутоа факт е дека од некаде мораше да се почне. Тој мораториум ќе донесе експресно изготвување на урбанистички планови во неурбанизираните средини каде реално имаме проблем со дивоградби, а ќе се стави ред. Будно ќе следиме што ќе се случува. Како советничка група ќе поддржиме се’ што е за доброто на Охрид, е од национален интерес или е за било каков развој. УНЕСКО секако е еден од приоритетите, подвлече Пецаков.

Во рамките на 30-та седница советниците денес ќе дискутираат и за бројни други теми. Меѓу нив и за изборот на нов командир на Полициската станица во Охрид, измените и дополнувањата на Програмата за изработка на урбанистички планови за периодот 2019-2021 година, измени и дополнувања на буџетот и статутот на градот, по одлуката за давање согласност за формирање групи во ЈОУДГ„Јасна Ристеска“ – Охрид, со помал односно поголем број деца од законски утврдениот број, како и во Основните училишта со 24 и 25 ученици. Советниците ќе расправаат и за Програмата за изведување на училишните екскурзии во училиштата, за Годишните планови за вработување во општина Oхрид, ЈП „Градски пазар“ и ЈП „Билјанини извори“ за 2020 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука