Охрид, 24. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Промовирани резултатите од проектот “Заштита на природата во Националниот парк Галичица – бајка или реалност”.
Имено, во изминатиов период Здружението за заштита на жиотните и животната средина ЕДЕН од Скопје, го спроведе овој проект, поддржан преку ИПА механизмот за граѓански организации. За потребите на проектот спроведовме истражување на повеќе чинители граѓански сектор, граѓани и институции, а беа опфатени околу 300 испитаници, рече Драгана Велковска, претставник на ЕДЕН.
– Беше спроведена и правна анализа на националната и меѓународната легислатива која го третира НП Галичица. Беа опфатени 237 граѓани и околу 18 институции.
Кога сме кај граѓаните, речиси никој од нив нема чуено за бизнис планот за националниот парк, вели Велковска.
Таа истакна дека државните институции сметаат дека нема потреба од нова или дополнителна законска регулатива за заштита на Галичица, но потребно е доследно спроведување на постоечката. Повеќе од половината институции сметаат дека акциските планови се спроведуваат, останатите сметаат дека се спроведуваат селективно.
Во однос на законската регулатива, граѓаните сметаат дека е потребно доследно спроведување на постоечките прописи.
– Во однос на Законот за водите воопшто не се почитува како што можевме да посведочиме и со последниот случај со хотелот во Лагадин, каде што се изгради една огромна градба која прекршуваше најмалку 12 закони, еден подзаконски акт и Уставот. Се изгради не на речиси 50 тука на можеби 10-15 метри од брегот на езерото, рече Велковска.
Што се однесува до независноста и слободата во работењето на институциите, Велковкса рече дека во одговорот на државните институции, 63,7 %сметаат дека се изложени на помали или поголеми влијанија во носењето на одлуките. 64% од граѓанскиот сектор сметаат дека научните институции се недоволно ангажирани во решавање на проблемот на регионот. 47,6% од граѓанскиот сектор биле изложени на притисоци или закани поради својот ангажман.
И граѓаните и институциите сметаат дека познавањето на природните вредности е просечно или под просекот во општата јавност.
– Дури 97,9 од граѓаните се изјасниле дека сакаат да знаат повеќе за природата и за живиот свет на регионот,а скоро половина од испитаните граѓани не знаеле што значат еко системски услуги. Своето знаење за НП Галичица го оцениле како просечно. Само 1,4 испитаници слушнале за сите 5 шампионски титули на природата на Галичица, потенцира Велковска.
Речиси 89 % од испитаниците од државните институции се изјасниле дека сметаат дека Студечнишкото блато треба да се прогласи за споменик на природата, додека сите анкетирани граѓани недвосмислено одговориле дека тоа треба да се заштити.
43,5 насто од граѓаните се изјасниле дека Охрид воопшто нема потреба од марина. Доколку веќе се гради, сите сметаат дека не смее и не треба да се гради кај Студенчишко блато. На речиси 69% не им се допаѓаат тековните градежни зафати долж каналот Студенчишта.
Сите чинители се сосма или речиси во потполност против измени во ДУП за потегот тино до мил палас каде се планира зголемување на катноста. И според нашите сознанија нема одржано јавна расправа во однос на измените на тој документ, што е неопходно.
Граѓанските организации сметаат дека е потребен посебен закон за заштита на Охридското езеро и да се прогласи за национален парк, да се забрани сеча во националните паркови, а пловните објекти да бидат на некаков вид еколошко гориво. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес