мај 19, 2021

Охрид, 19. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Иницијативниот одбор за формирање листа на независни кандидати „Охрид пред се’“, од денес, 19-ти мај 2021 година започнува активно да делува на охридската политичка сцена.

– Локацијата на првата, од неколкуте канцеларии кои последователно ќе се отвараат, е Булевар „Туристичка“ бр. 75 (во непосредна близина на маркет „Тамаро 5“). Како што беше потенцирано во првото соопштение на Иницијативниот одбор, основната цел на оваа граѓанска иницијатива останува активното и масовно учество на граѓаните, со предлози за изработка на изборната програма и предлози за персонализација на изборната листа. Граѓанската иницијатива, преку простории во неколку урбани заедници на територија на град Охрид, ќе им овозможи на граѓаните непосредно запознавање со оперативната методологија и концепт со кој „Охрид пред се’“ ќе го разбие сивилото на локалната политичка сцена и ќе го врати Советот на општината во рацете на граѓаните, информираат од одборот.

Просториите на граѓанската иницијатива ќе бидат отворени за посети од граѓаните секој работен ден од 08:00 до 20:00 часот и согласно активните протоколи и ограничувања во време на пандемија.

– Доволно гледавме како судбината на Охрид се управува од политичките центри на моќ во Скопје. Време е охриѓани во сопствени раце да ја земат иднината на својот град, потенцираат од Иницијативниот одбор за независна листа на група граѓани „Охрид пред се’“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука