Охрид, 25. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Групацијата „Збогум Буково“ составена од 20-тина граѓански организации, пет месни заедници од општина Охрид и голем број загрижени граѓани, се организира да преземе мерки за ургентно решавање на проблемот со нестандардните депонии „Буково“ и „Мауцкер“.
– Во наредниот период со планираните активности сметаме на зголемување на бројот на поддржувачите на иницијативата и приклучување на поголемиот дел од граѓаните на Охрид и околните села. Првиот чекор е барање на средба со локалната самоуправа со цел уточнување на досега преземаните активности во насока решавање на проблемите со депониите како и планираните чекори во таа насока во идниот период. Со Националниот план за управување со отпад (2009 – 2015) оваа депонија е оценета како високоризична за животната средина и заради тоа требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година, реагираат од Групацијата „Збогум Буково“.
Бараат Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се договорат и вклучат во регионалниот систем за управување со отпад – да се надминат сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани на Општината.
– Итно да се покрие целото урбано и рурално подрачје со садови за целосна селекција на хартија, пластика, стакло и други корисни суровини,кои би ја намалиле запаливоста на депонијата. Крајно да се изврши затворање и ремедијација на депонијата „Буково“ од страна на искусни и докажани оператори во оваа област. Во моментов, ситуацијата со депонијата е загрижувачка, затоа што телото на депонијата е во запалена состојба, дополнето со површински пожар. Чадот, кој ги содржи најканцерогените и најмутагените диоксини и фурани е носен по природен пат по долината на Коселска Река и стигнува во градот и околните населби. Според препораките на УНЕСКО, депонијата „Буково“ требаше да се затвори до 2020 година, додека во Планот за затворање на нестандардни депонии во Република Македонија, депонијата „Буково“ е ставена на листа од 25 приоритетни нестандардни депонии за решавање/затворање. Сепак, регионална депонија за Југозападен плански регион на кој припаѓа и Охрид се уште нема, а проблемот со загадување на почвата, воздухот, површинските и подземните води како и негативното влијание врз биолошката разновидност, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето од нестандардната депонија „Буково“ се’ уште е присутно во општината.Според Планот, рокот за затворање на непрописните депонии (вклучително и на „Буково“) бил од 5. 2021 до 10.2023 година. Овој рок не е испочитуван и Буково продолжува да го труе Охрид и да влијае врз здравјето на граѓаните и врз природата, вклучително и Охридското Езеро. За жал и покрај напорите на надлежното комунално претпријатие за санирање на постојаниот пожар на депонијата, нема многу видливи ефекти, бидејќи проблемот е во телото на депонијата, кое е постојано во запалена состојба. Најголем процент од отпадот се депонира измешан, без претходна секундарна селекција. Ситуацијата е алармантна, што говори фактот дека токсичниот чад се спушта и на другата страна, во Ресен. Реагираат и бројните туристи во летниот период, а дел од патот Охрид-Ресен кај депонијата е црна еколошка точка, каде буквално не се дише. Ситуацијата ја влошуваат и дополнителните пожари кои се потпалуваат од собирачи на метални суровини, а по периметарот на депонијата нема ограда. Нема нови рокови за пробивање, без здравје сѐ е ништо. стои во реакцијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива