јули 3, 2019

Охрид, 3. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид на 10-ти јули ќе биде домаќин на пограничен целодневен настан, кој под слоганот „Градење заедничка иднина – Creating a common future“ го организираат девет проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации.

Овој настан ќе обедини над 150 учесници од најразлични профили професионалци од сферата на туризмот, претставници на невладиниот сектор, локалната самоуправа, бизнис секторот, (активни во туризмот, агротуризмот и угостителството и стопанските комори), како и од медиумите.

Главен фокус на настанот е идентификување на можностите за развој на туризмот, унапредување на соработката во прекуграничната област меѓу Македонија и Албанија, како и промовирање на резултатите на проектите кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.

Предвидена е регионална конференција со наслов „Развој на туризмот во прекуграничната област“, на која заеднички предзнак ќе биде прекуграничната соработка во поттикот на локалната и регионална економија, развојот на одржлив туризам, важноста на иновациите во обезбедувањето регенериран и поквалитетен еко-систем, можности за нови вработувања.

Присутните на 10-ти јули ќе имаат можност да бидат дел и од атрактивен Саем кој ќе има за цел да ја илустрира синергијата на досегашната регионална соработка, (во рамки на 9-те проекти, дел од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Македонија и Република Албанија), но, и да сведочат на отворањето на спасувачкиот центар на Црвен Крст во Охрид – прв во регионот од таков вид.

На почетокот на настанот предвидени се обраќања на високи претставници на двете земји. (Крај)

извор: Мета фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука