Охрид, 2. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Службите на ЈП „Охридски комуналец“ започнаа со подготовки во пресрет на пролетно – летната сезона.
Веќе бил распишан тендер за набавка на системи за наводнување, а планирано е парковско освежување на повеќе локации во градот.
– Во план сме да направиме едно целосно хортикултурно уредување на влезот на градот, на местото кое ние охриѓани го викаме „Петља“. Сметавме дека и на потегот од летната тераса „Жиголо“ кон хотелот „Сити Палас“ има можност за подобро хортикултурно уредување, па ќе работиме и на таа локација. Планирано е и да се возобнови и „Паркот на пријателите“, кој се наоѓа на потегот кон хотелот „Парк“, кој во последниов период е целосно запуштен, истакна директорот Љупчо Грданоски, во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.
Што се однесува до чистотата на градот и нашиот менталитет и култура на однесување и одлагање на отпадот, Грданоски вели дека веќе се лоцирани т.н. „црни точки“ во градот на кои се планира поставување на подземни прес контејнери. Истите ќе бидат поставени на соодветни локации, кои нема да бидат во центарот на градот, како не би сметале на сообраќајот.
Во насока на зголемување на ефикасноста, директорот најави дека се планира воведување на повеќесменско работење во текот на летната сезона. На овој начин сметаме дека ќе ја зголемиме ефикасноста во насока и охриѓани и туристите ќе бидат позадоволни хигиената во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива