мај 17, 2017

Охрид, 17. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) — Покрај веќе потврдените настапи на еден од најреволуционерните електронски уметници на сите времиња, Ричи Хотин и техно ветеранот Свен Ват, програмата на Грин Бич Фестивал, кој ќе се одржи во Охрид, се надополнува со нови музички имиња.

Фестивалот ќе се одржува на 28 и 29 јули на плажата Парк во Охрид, а во листата изведувачи се запишуваат и нови имиња кои ќе го одбележат првиот ден од осмото издание на фестивалот.

Покрај Свен Ват кој ќе ја предводи саботната вечер на Фестивалот, на 29 јули, со свој настап доаѓа уште еден член и еден од клучните луѓе на славната „Кокун“ етикета, Маурицио Шмиц.

Германскиот ветеран со италијанско потекло, со повеќе од две децении искуство зад диџеј пултот, во својата кариера бил дел од некои од најважните фази во развојот на клупскиот звук, брусејќи го својот стил низ техно и хаус, но и транс, минимал, амбиент и бројни други жанрови.

Неговиот стил денес се опишува како своевидна „психоделична хаус музика“ со безвременски карактер. За домашна музичка поддршка на овој настан пак, и тоа со заеднички бек-ту-бек настап се задолжени диџеите Горан Кан и Васо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука