Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните на Охрид можат да купуваат станови од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор по поефтини цени за 100 евра од метар квадратен, а преку проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе имаат можност и за дополнително намалување, истакна директорот на ова акционерско друштво Цветко Грозданов, кој денеска оствари средба со охриѓани во рамките на проектот „Отворен ден“.
– Цената од 599 евра по метар квадратен, со првото наддавање постигнува цена од 600 евра по метар квадратен што сметам дека е ниска и реална за охриѓани. Во Охрид како големо туристичко место треба сите граѓани да имаат покрив над главата. На овие 599 евра по метар квадратен доколку земете еден стан од 50-тина метри квадратни, со проектот „Купи куќа, купи стан“ државата ќе ви субвенционира 50 проценти од учеството поточно 50 проценти во првите пет години од плаќањето на кредитот, појасни Грозданов.
Целта на намалувањето на цената, како што додаде тој, е акционерското друштво да претставува регулатор на градежната цена.
– Сметам дека и приватните компании ќе го следат трендот на нашето акционерско друштво за да се постигне реална цена по која граѓаните ќе можат да си дозволат да купат стан. Секако дека цената зависи и од локациските улови. Охрид како туристички центар, е нормално да има и луксузно опремени станови и станови кои би чинеле над 1500 или 2000 евра по метар квадратен, рече Грозданов.
Во Охрид, преку комерцијалната програма на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор се изградени 60-тина станови, а има и такви кои се наменети за лицата од социјално ранливите категории.
Според првиот човек на претпријатието, состојбата на пазарот постојано се анализира, а последните анализи покажуваат дека во охридско-струшкиот регион стагнира побарувачката на комерцијалните станови.
– Како акционерско друштво ќе инвестираме таму каде што граѓаните имаат потреба од купување станови, како што е Скопје, Куманово и Штип, а во последно време и во Струмица.
Во рамките на денешешниот отворен ден на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор се остваруваа средби со граѓаните коишто имаат проблеми во однос на Законот за домување или проблеми што се јавуваат кај некои закупци на деловен и станбен простор што го има изградено ова претпријатие. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес