октомври 4, 2021

Охрид, 4. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваме посветено на процесот на раздолжување на општината со сите финансиски препораки и релевантни експертски анализи. Тоа ќе биде една добра основа за развој и напредок на општината, на сите полиња, рече на денешната прес конференција Милена Грозданоска, кандидат за советник од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

Таа потсети на враќањето на финансиската стабилност како еден од најважните приоритети на оваа локална власт.

– Во 2017 година, долгот на Општина Охрид изнесуваше околу 1,6 милијарди денари, а денес изнесува околу 295 милиони денари. Веќе е започната постапка преку која општината ќе го исплати преостанатиот дел од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која, врз основа на извршни решенија секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување. Со оваа постапка ќе овозможиме одблокирање на сметката на општината, која е блокирана околу 16 години. Обезбедивме квалитетно, функционално и домаќинско работење на сите општински јавни претпртијатија. Продолжуваме понатаму да креираме стратегија за соодветно доопремување на општинските претпријатија со цел да овозможат поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните. На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 и заедно да продолжиме да одиме напред, рече Грозданоска.

Најави воведување нов дигитален систем за контрола и пријавување на дефекти на водоводната и фекалната мрежа како и квалитетен менаџмент на јавните препријатија врз основа на систем на успешност и капацитети, а вработените ќе бидат дополнително мотивирани и обучувани за подобри резултати во работењето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука