Охрид, 14. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денешениот ден Свети Трифун во Охрид и околинава се празнува традиционално со првото режење во лозјата и нивите. Овој обичај останал од порано, едно време бил прекинат, а последно време добива на поголема масовност.
Се празнува на повеќе локации, а овде ќе ви пренесеме дел од традицијата која постои од 1990 година, а се одвива во месноста „Чекоштина“, позната од порано по квалитетот на грозјето кое таму се раѓало. Иако денес многу лозја се изгубени, се’ уште има ентузијасти кои ги одгледуваат лозјата на традиционален начин. Еден од нив е Климе Нически.
Во неговото лозје секоја година почнувајќи од 1990 година се одржува традицијата на прослава на Свети Трифун. Во прославата учевствуваат негови блиски другари и пријатели. Дел од нив се покојни и на нивно место доаѓаат нивните деца, дел не учевствуваат поради здравствени причини но повеќето се присутни на овој ден од почетокот. Денес повеќето учесници се пензионери, а интересно е тоа што во поранешните години кога сите биле работно ангажирани на овој ден не оделе на работа или ги одложувале работните активности, состаноци, средби за други денови. Прекин на оваа традиција имаше во годините кога се појави Covid-19 пандемијата.
Церемонијата започнува со молитва која ја кажува домаќинот и потоа секој учесник зарежува гранка од пенушките од лозјето и ја прска пенушката со крстена вода. Потоа се седнува на заеднички ручек во малата куќарка во лозјето.
Можат да се слушнат муабети за настани и личности од Охрид кои нема да ги слушнете на ниедно друго место.
На крај целиот настан завршува со староградски охридски песни.
Ѓорги Љатко за OhridPress
извор: ОхридПрес фото: Ѓорѓи Љатко