јули 18, 2019

Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Дали владее правото во Македонија? Граѓаните се со право револтирани и прашуваат дали се сигурни во сопствената држава.

– Ако градоначалниците се под таков притисок да мора да шетаат со обезбедување или да ги враќаат ингеренциите на Владата, што останува за нас – обичните граѓани, велат за Супер радио и OhridPress.

Првиот човек на Струга Рамиз Мерко денес, преку отворено писмо до Владата и премиерот Зоран Заев порача дека со намера за да се спроведуваат законите, сите надлежности на општина Струга за урбанистичко планирање, градежни дозволи и издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО, и’ ги предава на Владата. Тој претходно добил вербална закана по животот, а во писмото меѓу другото пишува дека имајќи ги предвид последните случувања и долгорочната кампања која се води пpoтив градот Струга и него, тој смета дека има само една цел, а тоа е покривање на дивогpaдбите во градот Охрид и опacноста која доаѓа со одземањето на статусот на УНЕСКО.

СВР Охрид денес испрати официјална информација дека вчера лице од Велешта упатило повеќе закани кон неколку вработени во општина Струга. До овој момент нема потврда дека овие два настани се поврзани, но симптоматично е времето кога се случува настанот и писмото кое го испраќа струшкиот градоначалник.

Порталот Охрид 1 денес објави дека и градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески добил полициска заштита, без да открива повеќе детали за причините поради кои е воведена истата.

Супер радио и OhridPress неофицијално дознаваат дека и општина Охрид наскоро ќе ги врати или ќе и’ бидат одземени ингеренциите по овој основ, по што државата ќе мора да застане цврсто во одлуката да се справи со дивоградбите и конечното ставање ред во оваа област. Токму овој тврд став предизвикал реакција од другата страна, односно од оние чии градби ќе се најдат на листата за уривање. Во овој дел веќе подолго време во охридската јавност се спомнуваат имињата на поголеми бизнисмени, а од објектите хотели, настрешници, куќи и сл. Најверојатно на удар на законот ќе се најдат и плажите, кои до овој момент немаат регулиран статус. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука