Охрид, 29. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е позициониран на европската фестивалска мапа, а за да стане вистински фестивалски град потребна е една комплементарна структура.
Периодов во Охрид се закажани бројни концерти и настапи на популарни пејачи, групи, светски диџеи, кои покрај што го привлекуваат вниманието на присутните туристи, придонесуваат градов да го посетат и гости кои ќе купат билет и специјално ќе допатуваат за одреден настан.
Но, тоа не е се. Покрај гостување на звучни имиња, за да станеме фестивалски град потребна е добра организација, промоција и конекција. Сите овие услови треба да се се исполнат за да можат луѓето да дојдат без проблем, бидејќи за туристите најважното нешто за да посетат некоја дестинација е конекцијата.
Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов решение гледа во воведувањето на повеќе директни авио линии до Охрид.
– Охрид треба да добие предуслови да се организираат и музички настани од поголем обем, да ја добие таа фестивалска инфраструктура за да можат да дојдат бендови на кои ќе можеме да им ги задоволиме условите кои ги бараат, вели Апостолов.
Гостувањата на Лени Кравиц, Ники Ромеро, „Продиџи“ беа само тест дали Охрид има капацитет да ги издржи сите потреби кои ги бараат имиња од нивни калибар, но и тест за капацитетот за сместување и сообраќајната инфраструктура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива