Дамјан Пејчиноски: Училиштето каде предавам гитара од 2009-та, поради намалениот фонд на часови ми ја намали платата на 10 илјади денари
јануари 15, 2025

Охрид, 15. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Колку и да се радувам за секој мој ангажман надвор од Македонија, толку и знам дека е трн во очи на многумина. Нема да помине неказнето, како што моето матично средно музичко училиште во кое што предавам гитара од 2009-та на неопределено време реши да направи – да ми ја намали платата на 10 илјади денари месечно од септември 2024.

Со ваква објава на неговиот профил на Facebook, нашиот врвен музичар, охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски, предизвика бројни коментари и поддршка од колегите музичари, но и од целокупната јавност.

– Иако постојат многу вработени кои што земаат плата воопшто недоаѓајќи на работа, сепак, поради намалениот мој фонд на часови и недоволниот број на ученици по гитара (кој според училиштето е моја вина), претпоставените одлучија дека јас треба да сум жртвеното јагне кое треба да најде начин да го преживее месецот со плата дупло помала од државниот минималец. Сепак ова ме инспирира, да работам, да свирам повеќе и интелектуално да напредувам. Не сакам да се жалам, туку сакам да го споделам овој пост за сите оние ентузијасти кои избираат да се артисти и уметници наместо музички работници. Бидете спремни дека вашиот избор нема да ви донесе финансиска стабилност, ниту пак социјален статус, а не очекувајте ни дека ке ви подадат рака за тоа што го правите, порачува Пејчиноски. (Крај)

извор: FB Damjan Pejcinoski фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука