април 16, 2017

Охрид, 16. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското село Велгошти, на самиот негов влез, во семејна куќа со сопругата Верица и трите деца, Лука (8), Јована (7) и Герасим (2), живее Даниел Колевски (33), резбар што веќе 16 години длабејќи го и обликувајќи го дрвото во саканата форма.

Весникот Нова Македонија пишува дека тој , нурнува сѐ подлабоко во својата душа, но и во колективното сеќавање, барајќи го патот до совршената естетика на длаборезот, вековна традиција на нашиот народ. И токму една од најубавите резби во Македонија, иконостасот во манастирот „Свети Јован Бигорски“, е вечната инспирација на Даниел. Како што вели тој, без да отиде таму барем еднаш неделно, без да се напои од чудесната енергија што зрачи од секоја издлабена минијатура на Петре Филиповски-Гарката, Макариј Фрчковски и Аврам Дичов и нивните тајфи и без да поразговара со своето духовно семејство, тој не се чувствува целосно. И дента кога стигнавме во Велгошти, тој ни рече дека само што си дошол од бдение во манастирот, како подготовка за великиот ден Велигден, а тоа возвишено чувство го води и во текот на работата.

– Бог нѐ возљубил сите еднакво, на сите ни дал големи таленти, кои ние или ќе ги умножиме или ќе ги скриеме. Но да твориш за потребите на црквата, а да си надвор од неа, едноставно е невозможно. Многу е полесно кога се има благослов. Најдобрите примери во мојата област ги имам во црквите, во онаа во Бигорски, но и во стотиците цркви во Охрид и Охридско. Секаде има по нешто автентично и убаво, вели Колевски.

danielkolevski3– Мајка ми работеше во фабриката „Езерка“, во одделот за керамика, и често ми носеше глина, па, така, моите први искуства беа со вајарството. Наставникот Љубен Цветковски доста работеше со мене, ме поттикнуваше, но еднаш на замена дојде Драган Николовски, колега на мајка ми, и ми рече: „Даниел, што се валкаш ти со глина, земи резбај“. Мислам дека пресуден момент беше кога во куќата на Робевци во Охрид ја видов една од најубавите композиции во длаборез, „Четирите годишни времиња“.

Бев фасциниран и посакав и да се обидам да направам нешто слично. На почетокот не беше лесно, но трудољубив сум, упорен, и таа 2001 години полека почнав да набавувам алат и дрво за работа. Првото мое дело беше ликот на свети Климент на парче дрво 10х20 сантиметри, плитка резба од 5 милиметри. Така почнав да навлегувам во занаетот – се присети Даниел на своите почетоци.

Барајќи низ старите документи, тој дошол до каталог на изнесените уметнички предмети од Македонија, особено од Охрид, во целиот регион и пошироко, а најмногу во Бугарија. Таму имало слики на убаво изрезбани крстови, а прекрасни примероци видел и при неколкуте посети на Света Гора.

– Имам желба она што го правам да личи на тие крстови што ме импресионираа со својата перфектна изработка. Првата минијатура во дрво ја направив пред три години. Имам авантуристички дух и секогаш сакам да пробам и да видам до каде можам да стигнам, вели Колевски.

danielkolevski2Неговата прво дело со микроскопска големина било библискиот мотив на жртвата Аврамова, односно ликот на Авраам со големина од 4 милиметри, а по извесно време направил и медалјон со ликот на свети Никола, со големина на петденарка.

– Мислам дека засега сум единствен резбар во Македонија што изработува вакви дела. По позитивните реакции што ги добив од членовите на моето семејство, се осмелив сликите да ги објавам на Фејсбук и секојдневно добивав позитивни коментари, пофалби, но и критики. Според мене, нема напредок ако не се прифати и вистинска критика, бидејќи никој не знае сѐ, вели Даниел.

Поради тежината на изработката, за да се добие квалитетна минијатурна творба се потребни голема посветеност, смиреност, трпение.

– Некогаш само за изработка на ликот ми се потребни два дена. Најмалиот крст што сум го направил е со големина 1,5х 3,2 сантиметри, а сум направил и лик на ангел на 2 милиметри. Имам дваесетина длета, повеќето самиот сум ги направил, бибмало (сврдел), пилица…

Минијатурите ги правам на дрво од шимшир или зеленика, а може и од крушка и лоза. Шимширот е доста цврст, но и еластичен, а најважна е неговата светложолтеникава нијанса. Секој детаљ си оформува сенка и дава пластика, длабочина. Досега сум подарил неколку минијатурни резби, а имам и цел список на оние што допрва треба да добијат нешто уникатно од мене. Не се секогаш парите најважни, вели тој.

Во последниот период Даниел го инспирираат филигранските крстови, комбинирани со резба, и панагиите.

– Крстот за луѓето значи симбол на верата, можност секој од нас да се спои со нешто возвишено. Секој христијанин треба да носи крст, бидејќи нашите чуда се случуваат преку верата, а колкава е таа, толкави ќе ни бидат и чудата и способностите, вели Даниел.

danielkolevski1Фотографии од негови дела беа објавени во каталогот „Христијанска уметност 2017“, во издание на Московската патријаршија на Руската православна црква. Двапати бил гостин на православниот манастир „Хаматоура“ во северниот дел на Либан, за кој сѐ уште изработува слики во длаборез по мотиви од Библијата. Учествувал и во заедничка изработка на иконостас што отпатувал за Канада. Негов длаборез може да се види и во манастирскиот комплекс „Св. Параскева-Петка“ во селото Велгошти, каде што е чест посетител со семејството, а како што забележавме и неговите три симпатични дечиња таму се чувствуваат како дома.

По пожарот во Бигорскиот манастир, игуменот Партениј му дал благослов и поддршка, но и одговорна задача да учествува во реконструкција на изгорените таваници и друг ентериер. Своите дела ги изложил на групна изложба во Прилеп, а размислува и за самостојна изложба на минијатури.

Неуморен трагач по совршената форма

Негов животен предизвик е да направи нешто што досега кај нас никој не го направил. Би сакал да направи поголем престолен крст од Рафајловиот што се наоѓа во манастирот „Свети Јован Рилски“, во Бугарија, на стотина километри од Софија.

– Оваа вредна реликвија се чува во Манастирскиот музеј. Дрвениот крст е направен од едно парче дрво (81 х 43 сантиметри), а го изработил калуѓерот Рафаил, користејќи фини алатки и специјална лупа за да изгравира 104 религиозни сцени и 650 минијатурни фигури. Тој работел на своето животно дело 12 години, а крстот бил завршен во 1802 година, кога калуѓерот го загубил видот. Желба ми е мојот престолен крст да има барем 700 лика. Ќе се изработува на мали парченца и ќе се вградува во сребрен оков, вели овој неуморен трагач по совршената форма. (Крај)

извор: Нова Македонија/Марија Таушанска фото: Нова Македонија/Ненад Андонов

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука