август 16, 2017

Струга, 16. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, но сум отворен за секаква помош кон враќањето на некогашната слава на оваа манифестација, соопшти во разговор за Дојче веле, поетот Дарко Лешоски.

Роден е во Струга на неколку стотини метри од мостот на поезијата, израсна во „државата Вевчани“, а прерасна во најчитаниот македонски поет на социјалната мрежа Фејсбук. Струшките вечери на поезијата никогаш досега не беа толку силно во фокусот на јавноста, како по неговото именување за претседател на Управниот одбор на оваа поетска манифестација. Главната критика се движеше најчесто по една линија: дораснат ли е за оваа функција, според годините и искуството?

Дарко Лешоски внимателно и со респект ги ислуша сите критики – и добронамерните и злонамерните и аргументираните и паушалните.

– Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика. Претседател на Управниот одбор на Струшките вечери нека е некој што нема да се вика Дарко Лешоски, но некој што ќе се нафати да ја направи оваа манифестација онаква каква што заслужуваат сите искрени и вистински љубители на поезијата, вели Лешоски. (Крај)

извор: DW фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука