Охрид, 14. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.
Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.
Црква „Св. Кузман и Дамјан“ – Св. Врачи
Православните верници денеска ги слават господовите лекари, Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан. Еден од храмовите посветен на овие светители е лоциран во стариот дел на Охрид.
Големи Свети Врачи (Св. Кузман и Дамјан) е црква во стариот дел на Охрид. Му припаѓа на Охридското архијерејско намесништво во Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА. Прогласена е за културно наследство на Република Македонија. Лоцирана е во горниот дел на маалото Варош, над црквата „Св. Софија“, и доминира над градот.
Храмот е изграден на местото на стара сакрална градба. Според писмените извори, на ова место имало стара црква, исто така посветена на Светите Врачи Кузман и Дамјан, изградена во XI век од охридскиот архиепископ Теодул I (1056-1065 година). Во 1694 година Кузман Китиски во својот список на парохиите вели дека црквата е енориски храм на тогашната Втора парохија во Варош. Сегашната градба, според натписите на некои икони во внатрешноста, веројатно е изградена во 1830-тите. Подоцна е преправана.
Градбата претставува трикорабна базилика со внатрешна купола на четири столба. Изградена е од обработен бигор со употреба на делкан камен за венците и аглите. На исток има седумстрана апсида.
Во внатрешноста живописана е само куполата, каде е претставен Исус Христос Седржител и четворицата евангелисти, дело на Дичо Зограф. Кај влезната врата на црквата има фреска од Дичо Зограф, изработена во 1867 година на која се претставени покровителите Кузман и Дамјан.
Во храмот има шеесетина вредни икони, повеќето дела на зографите Михаил Георгиу и Константин Јоану од Селица во Населичко, Егејска Македонија. Велелепниот иконостас е дело на Мануил Георгиу, исто така од Селце, и е изработен во 1850 година. Најзабележителни се дрвените плочи на цоклето на иконостасот, на кои нетрадиционално и уникатно се насликани глетки со градски куќи. Четирите престолни икони се Светите Врачи, Исус Христос, Богородица со Исус и св. Јован Крстител; тие датират од 1830-тите и се дело на разни зографи како Анастас Магаревски, свештеникот Ристо Константинов, Константин Јоану и Мануил Георгиу. Во црквата има творби на зографот-јеромонах Антониј Јоанович од Битолско.
Царските двери од црквата датираат од средината на XVI век и се дело на истакнатата ликовна работилница која делувала на територијата на Охридската архиепископија. Денес овие двери се поставени на иконостасот на црквата „Пресв. Богородица Перивлепта (Севидна)“, исто така во Охрид. Други дела на истата работилница се царските двери на самата „Пресв. Богородица Перивлептос“ – денес во Националниот историски музеј во Софија, дверите од „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези, дверите од неутврдена црква во Охрид – денес во Народниот музеј во Белград, дверите во „Св. Никола“ во Кореница, дверите од „Св. Ѓорѓи“ во Горна Влашка Маала во Охрид и дверите од „Св. Никола“ во Присовјани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива