Охрид, 7. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.
Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.
Куќата на Робевци
На просторот од сегашната куќа на Робевци во Охрид постоеола друга куќа, сопственост на Јаким Пендо од маалото Геракомија, сѐ до 1825 година, кога ја откупиле браќата Ангеле и Анастас Робеви. Ја урнале до темел и изградиле нова куќа во 1827 година. Зад новата куќа, на северната страна, подигнале магаза од камен, над која биле изградени амбари за жито. Градењето на куќата, со приземје и два ката, било завршено на 15-ти април 1827 година. Во неа фамилијата Робевци живеела 35 години, до јануари 1861 година, кога ја запалил познатиот злосторник од Охрид и охридскиот крај Устреф бег.
Две години по пожарот, од 1861 до 1863 година, сегашната куќа на Робевци била повторно изградена и тоа, левата половина за Константин Робев, а десната за Анастас (Тасе) Робев. За главен градител бил ангажиран Тодор Петков (1814-1899) од сeloto Гари, Западна Македонија, од родот на Огненовци, познат македонски резбар и градител од средината на ХЈХ век. Неговиот татко Петко бил прочуен резбар кој работел заедно со Петре Филиповски-Гарката од кого го научил резбарството.
Под раководство на Тодор Петков бил направен и ентериерот на куќата на Робевци: резбаните тавани, долапи и други украсни елементи. Меѓутоа, за да се разликуваат резбите, за делот од куќата што му припаѓал на Ангеле биле повикани други мајстори-резбари од Дебар. Во текот на работата во двете половини на објектот, на копаничарските тајфи им било забрането да се гледаат помеѓу себе, па затоа левата половина на куќата, во која живеел Констанин се разликува од другата половина во која работеле други мајстори.
Куќата на Робевци (всушност двојна зграда-братска куќа), и според својaта големина и по архитектонскиот израз, претставува своевиден статусен симбол за семејството, чии трговски врски воделе од Истанбул до Виена, Трст и Лајпциг.
Во вака изградената куќа фамилијата на Робеви живеела до 1900 година. Д-р Константин Робев со фамилија живеел во левата половина на куќата и тоа само во летно време, а во останатите месеци од годината живееле во Битола). Во десната половина живееле синовите на Анастас (Тасе) Робев: Јаким, Димитар, Никола и зетот на Константин, Иван Паунче.
Од 1913 до 1919 година во делот на Константин Робев била сместана српска војска, по чие заминување куќата била значително оштетена и дел од резбите демонтирани и однесени во Ниш и засекогаш исчезнале без трага и покрај протестите на Ангеле Робев кај окружниот началник.
Во 1920 година делот од куќата кој му припаѓал на Константин служел за сместуаање на земјоделските производи добиени од имотот на Робевци.
Дури по ослободувањето куќата на Робевци била заштитена како културно-историски споменик.
Во јуни 1950 година во неа е сместен Народниот музеј во Охрид, а во 1951 година е ставена под заштита на Законот за културно-историските споменици. Зградата е национализирана во 1953 година, а во 1959 година е предадена на Народниот музеј-Охрид на трајно користење. Со интеграцијата на Народниот музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата на 1. март 1973 година, Народниот музеј како самостојна организација престанува да постои во дотогашната форма. Тогаш започна и реконструкцијата на Куќата на Робевци, која со прекини траше до 25-ти август 1990 година, кога и се отвори повторно како музеј со спомен кат за семејството Робевци, со презентација на археолошкото богатство на Охридско-струшкиот регион и со презентација на Охридската резба во Ширванот на куќата, кој и доби функција на Охридска резиденција.
Во 1996 година, Куќата на Робевци е повторно ставена под заштита на Законот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија како вредно културно-историско градителско наследство со препознатливите карактеристики на староградската охридска архитектура од XIX век. од XIX век. (Крај)
извор: muzejohrid.mk фото: muzejohrid.mk