За Охридцките работи
Бр. сл. 010/01/2014
Охрид, 19. јануари 2014 година
Ние се маскираме овие два три дена за да видите какви сте Вие во текот на целата година…
Вака некако еден луциден вевчанец одговори на прашањето на новинар зошто и како се маскирале на годинешниот Вевчански карневал. И така си е… Време е некој да ни каже конечно какви сме, дека е крајно време да ги тргнеме маските и да се погледнеме во очи. Во Вевчани годинава го видовме: Субрата Рој, „Функционерот“, „Пензионерите на скии“…. И сите ни се смееја в лице…
Ако, така и ни треба…
А колку малку фали една ваква или слична манифестација да прерасне во нешто сосема друго, доволен доказ се настаните кои пред две години фрлија дамка врз истата. Политичарите и „спин докторите“ совршено добро знаат дека верските чувства се најлесни за манипулирање и дека тука прагот на толеранцијата е најнизок.
Токму за тоа, за верата ми беше муабетот….
Ако за нешто мора да им признаеме на „скопјаништана“ е што годинава, ама во секој поглед ни одржаа лекција околу организирањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Но ајде по ред…
Водици Ден 1:
– Во пресрет на Водици концерт ќе одржи….
– Во предвечерјето на празникот Водици концерт ќе одржи….
– Во склоп на празнувањето на Водици концерт ќе одржи…
Вака се објавуваа и по потреба се менуваа насловите во медиумите за концертот на популарниот српски музичар Жељко Јоксимовиќ. Одма, да не се разбереме погрешно. Жељко е врвен професионалец и вистински „цар“ во својата област. Тој си е докажан музичар со педигре и тука немаме кавга, но тој (односно музиката која ја негува) е за викање кога се фрла бидермаер, а не крст (с`опроштење на софрава, ама така си е). Де за Водици го викале, де на заслугот на празникот бил, де вака, де така… Ко за Харис слично нели, па тој ни се налути после (остај, само нервози). И откако се „изнечкаа“ ко млади невести, пресметаа дека повеќе „мрсно“ ќе им донесе ако се „шепурат“ дека токму тие го донесле „лането“. Работата ја извади младиот Даниел Кајмакоски, детето со ѕвезда во очите од струшко Мислешево. Нејсе, концерот помина одлично и треба да се продолжи со практиката за носење на познати музичари, спортисти, уметници и докажани луѓе во секоја област преку целата година. Тоа е вистинскиот начин и Охрид и охриѓани тоа го заслужуваат. Но треба да се има и „сенс“ за моментот, кој кога, како, каде да се покани, но и тоа се учи. Полека, полека… Ќе биде… Пред концертот дури имавме и ретка чест „третиот столб“ да ни се јави лично за да ни понуди гратиси. Но само уште еднаш му беше кажано каде му е местото, и така…
Водици Ден 2:
Концерт на женскиот духовен хор „Света Злата Мегленска“. Секоја чест за организаторите…
Водици Ден 3 – The Day:
Да се разбереме. Варошани си се родени на вода, си ја знаат работата момците и секој кој не влегол во вода на температура од 9-10 степени може само да кажува приказни дека било вака или така. Дека некогаш им се потфрлува крстот кон нив, и тоа е точно, но како да се најде замерка за минатата година кога крстот го бараа 10-20 минути. На крајот си влезе во вода Јован Бабаче и по петти пат во животот го извади од водата. Толку… Тоа е Божја работа и тука нема муабет, а сите кои правеле вака или така ќе си ја платат цената (кај некои слушам и стигнала фактурата). Забелешките повеќе одат кај оние кои се претставуваат како „божји претставници“ на земјава, без оглед дали се припадници на фирмата која успешно стопанисува над 2.000 години, или оние поновиве. Кој колку зел, кој кого молел да биде кум, кој си правел тајфи, кој по кого викал, кој со кого се искарал…. – ама баш ми е гајле. Старите викаат „врана на врана очи не и` вади“, па ќе си го најдат пак тие есапот и ќе седнат на иста маса. А плус и тие се променливи, нели никој не е вечен, ниту има тапија за организација на било што.
Она што мене ме загрижува се изгаснатите ѕвезди во очите на младите луѓе кои секоја година скокаат по Светиот крст. Ги гледам кога влегуваат, ги гледам кога излегуваат од вода. Влегуваат едни, излегуваат други луѓе. Истите се, ама без оној жар во очите. И секогаш истите муабети – „наместено беше“, „му го фрли крстот во раката“, „повеќе не доаѓам“, „не може вака“…Истите зборови секоја година, одново и одново. Ако мислите дека тие неколку илјади евра кои ќе ги добијат се вистинската причина за да се влезе во вода кон средината на јануари – се лажете. Нема пари со кои може да се купи вербата во Бога кај младите и нема цена со која може да се плати кога таа ќе се разниша. Еве наместо да глумат ВИП по бродовите, една година нека се измешаат малку со народот организаторите и нека ги слушнат нивните ставови, мислења, желби, поплаки… Колку за промена…
Да не испадне дека кажавме како не треба, а не кажавме како (мислиме дека) треба…
Значи, „скопјаништана“ годинава ни одржаа вистинска лекција. Можеби нема да Ве бендиса овој муабет, ама така си е. Еве, јас би им простил еден џип – два на поповиве, само заради муабетот на дедо Стефан од прославата на Водици во Скопје. Стандардно капачите влегоа во водата и чекаа каде ќе „падне“ крстот. Но не испадна така. Си ги построи на линија, си мрзнеа колку што треба, дури им се закани дека нема да го фрла крстот… Им одржа вистинска лекција, направија како што треба, се фрли крстот и толку. Немаше УАААААА, немаше „Лопови“, немаше „умрете селани“, абе ништо немаше…. Само чиста енергија, чиста љубов за ближниот кој нели „треба да донесе здравје, среќа и благосостојба за целиот град“.
Да направиме некое чудо за следната година и да го донесеме г.г. Стефан да го фрла крстот во Охрид. Како беше решителен денес, во Охрид да беше ќе ги поредеше скокачиве некаде пред „Славица“, па од таму да тргнат по крстот.
Само како информација, во Србија не го викаат „скокање по Светиот крст“, туку „пливање по Светиот крст“.
Да го фатиме прво крстот во нашето срце, да посакаме добро за сите знајни и незнајни.
Најискрени честитки за Петар Рупески, кој по вторпат успеа да исплива со Чесниот крст во раката. Да биде среќен целата година и да носи среќа за целиот Охрид.
Сашо Митан