март 6, 2017

Охрид, 6. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Никола Чорбески денес на својот профил на Фејсбук ја објави приказната и апелот за помош на 17-годишниот Никола од струшкото село Враништа.Објавата

ја објавуваме во целост со надеж дека ќе стигне до максимален број луѓе кои ќе можат да помогнат.

Драги мои роднини, пријатели, познаници и непознаници.

Денес на работа дојде едно момче. Со име како мене. Никола. Момче стројно и високо. На 17 години. Од Враништа, струшко. Момче кое што единствена грижа која на овие години би требало да ја има е каде да излезе на кафе, каде сака да го продолжи своето образование и да сонува за тоа што сака да биде кога ќе стане возрасен човек. Да биде безгрижен и среќен. Спокоен.

Меѓутоа, животот не би бил живот ако на некому нешто му даде, а некому нешто му зеде. За жал, Никола е од оваа втората страна. Ни крив ни должен. Не по своја желба.

Никола е сирак, без татко. И е столб во својата куќа. Работи работа за прескомни примања, кои што не стигнуваат за еден човек, а камоли за повеќе.

Никола не е сам. Има мајка, брат и сестра близнаци на 15 години, и помала сестра на 13 години. Живее во куќа во која што нема греење, струјата е исклучена, а и водата е само прашање на време до кога ќе биде уклучена. Иако е на далеку под маргините на нормално човечко егзистирање, Никола е свесен за проблематиката, и иако пари му се преку потребни, знае дека не може да ги добие туку така. Меѓутоа замоли за нешто.

Бара облека и храна. Искрено верувам дека по ова прашање може лесно да се помогне. Сите ние имаме стара облека, облека која веќе не ја носиме и зафаќа простор по дома.

Машка горна облека броеви L и XL, долна облека броеви 32,34
Женска горна облека броеви XS,S и M, долна облека броеви 26,28,30.

Секаков вид на храна која што може да стои подолго, конзервирана, зимница, тестенини е добредојдена. Па и доколку е во можност некој и финансиски да помогне, познава некој таков или слично, секаква помош, до последен денар е повеќе од прифатлива.

Доколку сте во можност да допринесете со било каква горенаведена помош, Ве молам да се обратите во Кафе – бар Шила. Сите вработени и менаџментот на локалот се запознаени со проблематиката, имаме и директни контакти со фамилијата и се ќе биде трансферирано до нив во најбрз можен рок. Не можеме да помогнеме секому, ама барем можеме на оние кои побарале помош, и таа помош им е преку потребна.

Ве молам да го споделите овој пост, се` со цел да допре до повеќе луѓе кои сакаат да помогнат.

Бидејки доброто со добрина се враќа… (Крај)

извор: ФБ Никола Чорбески фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука