Кичево, 17. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Малолетник роден 2013 година, од кичевското село Бачишта, се здобил со тешки повреди на стомакот, градниот кош и главата, откако вчера бил нападнат од повеќе кучиња.
Поради сериозноста на повредите, малолетникот од Општата болница во Кичево каде му била дадена првична неопходна медицинска помош, итно бил префрлен во Ургентниот центар во Скопје.
– Настанот се случил вчера околу 11 часот во селото Бачишта кога детето само излегло од куќата каде што живее со семејството. Поминувало преку нива сакајќи да појде до соседната куќа каде што се наоѓал неговиот татко. Тогаш го нападнале повеќе кучиња скитници но и кучиња кои се појавиле од соседната штала со овци, сопственост на лицето Ш.В. (49), велат за случајот од СВР Охрид.
Вчера во полициската станица во Кичево беше пријавен уште еден напад на кучиња скитници врз малолетник роден 2011 година, кому му биле нанесени повреди од каснување на левата надколеница. Малолетникот бил префрлен во Општата болница во Кичево каде по дадената лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.
Од почетокот на годинава, во полициската станица во Кичево пријавени се вкупно единаесет случаи напад на кучиња врз луѓе од кои шест во градот Кичево, четири во селото Бачишта и едно во селото Србјани. Во текот на 2016 година, пријавени се вкупно педесет и четири случаи напад на кучиња од кои, триесет и девет се во градот Кичево и петнаесет во околните села. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива