Охрид, 3. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Два златни и два сребрени медали освоија нашите најдобри таеквондисти на Европскиот ИТФ куп кој изминатиот викенд се одржа во Софија, Бугарија.
Учествуваа 966 натпреварувачи од 14 земји од Европа, а боите на нашата држава ги бранеа 10 натпреваувачи предводени од претседателот на
Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација Марјанчо Лазаревски и националниот селектор Саша Поповски.
– Херојот на овај Куп е Давид Крстески кој на патот до златото имаше пет победи, првата со претставникот на Бугарија, а потоа со четири натпреварувачи од Украина која е една од најсилните репрезентации во светот, а на Евро Купот учествуваа со околу 300 натпреварувачи. Оваа година Давид жима загубено само една борба во полуфинале на Европското првенство во Копер, Словенија, додека на сите останати натпревари е неприкосновен во својата категорија. Христијана Парулеска влезе во повозрасна категорија 16-17 години, иако нејзината категорија е 14-15 години, но со желба да се подготви за следното Европско првенство, оваа година натпреварува на сите натпревари во повозрасна категорија. Во финалето загуби од Словенската репрезентативка и актуелна шампионка во таа категорија. Миа Танеска докажа дека е апсолутен шампион во нејзината категорија и го освои златниот медал, а Божидар Димитриевиќ го освои сребрениот медал, победувајќи двајца натпреварувачи од Украина. Во финалето во тесна борба до самиот крај загуби од домашниот натпреварувач, вели претседателот на Таеквон-до Федерацијата Лазаревски.
Особени залагања на купот покажаа и Владимир Димитриевиќ, Марио Крстески и Климент Богоески, како и Давид Ристески, Филип Митрески и Јохан Парулески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива