Струга, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Царинските службеници минатата недела открија три обиди за шверц на наркотични средства, од кои еден случај на граничниот премин „Ќафасан“.
На 19-ти јануари, на граничниот премин „Ќафасан“, за влез во државата се пријавил патнички автомобил со полски регистарски таблички, со четворица полски државјани кои биле селектирани за преглед. Во текот на прегледот на возилото, двајца од патниците побарале да одат во тоалет, но наместо во тоалетот се упатиле кон контејнерите за ѓубре, каде биле забележани од полициските и царинските службеници дека извадиле нешто од облеката и го оставиле до контејнерите. При проверка на просторот околу контејнерите пронајдени се две кеси обвиткани со кафеава леплива лента, исполнети со растителна зеленкаста материја.
Во истиот момент еден од патниците избегал во блиската шума, додека другиот патник бил задржан. По направено вештачење на растителната материја утврдено е дека се работи за марихуана со вкупна маса од 914 грама. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива