Охрид, 10. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со оглед на високите температури и зголемената опасност од пожари на отворен простор, ЈУНП „Галичица“ воведе контролирано движење во шумата и шумските појаси во границите на паркот.
Па сега сите посетители, поединци, групни посети, туристички агенции и други љубители на природата, ќе може да се движат низ паркот во шума и шумски појаси само со дозвола издадена од дирекцијата на паркот од службата за заштита од појавување и справување со пожари.
Не се обврзани да бараат дозвола оние кои го користат само асфалтниот пат и поминуваат низ паркот без задржување и напуштање на асфалтниот пат.
Заинтересираните ќе можат по електронска пошта на [email protected] да ги испратат следните податоци по можност еден ден порано од планираната посета:
1. Скенирани лични карти на водичите на групите или скенирани лични карти на поединци посетители на паркот.
2. Точна релација на движење на групата/поединците.
3. Час на влегување во територијата на Паркот и напуштање на истата.
4. За групи без официјален турустички водич потребно е да се назначи одговорен на групата со име и презиме.
Службата на Паркот врз основа на добиените податоци ќе ја изготви дозволата за движење која ќе биде испратена на конкретната електронска пошта.
Од установата напоменуваат дека имателот на дозволата е должен за време на целиот престој да ја има со себе, да е одговорен за однесувањето на целата група при евентуално предизвикување на пожар и да не се менува релацијата на движење нити да се пречекорува времето на посета кои се нагласени во дозволата.
Контролата на движење на посетителите ќе ја вршат: вработените во паркот, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција. За дополнителни информации посетителите можат да се обратат на 075/282-201. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива