Охрид, 22. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дворот на гимназијата ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, полека го добива финалниот изглед.
Пространиот двор сега е поделен на неколку сегменти, од кои два поголеми со подигнати делови за амфитеатрално седење, како две отворени училници, лево и десно од влезот, поставено е бројно осветлување, а видливо е дека е обележано игралиште за спортски активности (кошарка, фудбал и ракомет), како и патека за трчање, која оди околу целиот објект. Во задниот дел е прилагоден и паркинг простор, а забележителни се и оштетувања на делови од надворешната ограда.
Зафатите поврзани со реконструкција на дворот на Гимназијата се одвиваат веќе подолг период наназад. Одговорните во јануари годинава, во изјава за Супер радио и OhridPress, најавија и реконструкција на внатрешноста на објектот, во делот на ѕидови, подови, а според планот ќе се промени внатрешната и надворешна дограма, ќе се реконструира и кровот, за што се обезбедени потребните дозволи.
Охридската Гимназија е заштитена како споменик на културата и сите зафати и тендери се со А лиценца. Во таа насока, од Завод и Музеј Охрид, како и од Управата за заштита на културното наследство е дозволено Гимназијата да работи и како културен споменик во текот на цела година, ќе биде отворена за посетители, па ќе влезе и во туристичката мапа на Охрид, а во објектот ќе може да се реализираат и изложби, мини концерти и промоции. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес