Охрид, 26. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28-ми ноември 2024 година, на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква.
Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во четврток во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 09:00 часот.
– Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), во постојан состав, на 26-ти ноември 2024 година одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј. Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28-ми ноември 2024 година, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 09:00 часот, информираат од САС на МПЦ-ОА.
На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ-ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви. Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.
Вчера САС на МПЦ соопшти дека по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива