Дебрца, 20. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Дебрца од македонска и општината Грамш од албанска страна започнаа да го реализираат проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“, кој во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка ќе се финансира со европски пари.
Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со неговиот колега Клодиан Таце, градоначалник на Грамш, регион Елбасан.
– На средбата со мојот домаќин посебно го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини, кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. Изразив надеж дека средбата е почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес, изјави Ногачески по средбата.
Проектните активности носат бенефит за сите партнери, а во Дебрца во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски Дом, опремен со 25 легла, за што се планирани 85.000 евра, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани – Илинска Планина, набавка на возило, со потребната опрема за спасување во планина, обуки и други активности.
Носител на проектот е Црвен крст на Македонија, општинска организација Охрид, а партнери се општина Дебрца и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Општина Дебрца