Охрид, 22. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со биење на црковните кампни и блокада на сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, дебрчани уште еднаш категорично се спротивставија на владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје.
„Премиере, вие баравте од нас глас, ние бараме од вас спас“, „Годивското поле е нашето свето огниште, а не ваше регионално сметилиште“, „Сакаме здрав и чесен живот, а не долга и болна смрт“, беа само некои од пораките кои жителите на Дебрца ги упатија до надлежните.
Ова е местото со кое ќе се гордее Република Македонија во иднина, место каде луѓето ќе бидат здрави и каде што болните ќе го побараат своето здравје, истакна Јадранка Бибан од Координативното тело.
– Не може да се реализира идејата за изградба на депонија додека народот се спротивставува, а народот нема да пристане на реализација на таква идеја. Всушност Владата ние ја избравме, таа не е странска, институциите се наши и тие треба да работат по нашите желби и потреби и за доброто на сите, подвелече Бибан и изрази надеж дека овој чекор ќе биде последен и ќе ја стимулира Владата навистина да развие јавна дебата и да ги преиспита своите одлуки.
Во спротивно, најави таа, ако се продолжи со намерата регионалната депонија за југозападниот дел да биде во Дебрца, протестите ќе продолжат, а ќе се преземат и други акции.
– Нашите аргументи зошто сме против се непобитни. Би настанала еколошка катастрофа како последица на таков објект во Дебрца, на избраната локација постојат седум вредни археолошки наоѓалишта, а депонијата ќе доведе и до целосно деструирање на еколошката рамнотежа на Дебрца, рече Бибан.
– Дебрца не ја гледаме само како еколошки чиста средина, Дебрца има многу аспекти со кои сама се брани, како создател на македонската држава, археолошки е златен рудник на историјата, културолошки е создател на многу нешта кои започнале за првпат во нашата земја. Дебрца е изворот на најчистата питка вода во Европа со официјално најголемиот извор Сини вирови, подвлече Бошко Ставрески, член на координативно тело.
А еве што изјавија и дел од присутните, кој по потекло се од Дебрца.
– Изненадени сме од начинот којшто го избрал некој за да формира депонија. Ние не се согласуваме, овој крај секогаш бил чист и чист ќе остане во делот на природата. Нема човек во Дебрца кој ќе се соглси да се формира депонија на овој простор, вели пензиониран просветен работник од селото Годивје.
Поддршка жителите добија и од градоначалникот Зоран Ногачески.
– Целта на овој протест е уште еднаш граѓаните да кажат „не“ на решението кое го подготвува Министерството за животна средина и просторно планирање за локација за изградба на регионална депонија во село Годивје. Сакаме да го поврориме она што граѓаните го кажаа на референдумот што се одржа во октомври лани. Никој нема право, ниту јас како градоначалник, ниту советот да оди против таквата одлука. Имавме заедничка координативна средба во организација на ЗЕЛС и со премиерот и со министерот за животна средина, рече Ногачески.
Од Партијата на пензионерите, кои го поддржаа протестот, побараа од премиерот самиот да си ја отповика одлуката на Владата, а да се повика на сосптвените зборови дадени лани во Белчишта дека ќе го спречи токму она што денес сака да го гради.
На протестот против изградба на депонија во Годивје дојдоа и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, дел од советниците, пратеници во македонското собрание од Охрид, како и претставници од политички партии.
Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес