септември 23, 2017

Охрид, 23. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска напладне, на Годивско поле, местото каде се планира изградбата на регионална депонија за југозападниот дел на Македонија, Координативното тело и населението на Дебрца, ќе одржи протест за стопирање на понатамошните активности за реализација на проектот.

Со цел населението на Дебрца организирано да делува во правец на спречување на изградба на таков објект на територијата на општината, на 19-ти јули 2017 година во село Годивје беше формирано Координативно тело за делување во насока на стопирање на понатамошната реализација на проектот. Овој орган е сочинет од претставници од сите триесет и три месни заедници кои припаѓаат на општина Дебрца. Аргументите кои Координативното тело ги наведе, а се во прилог на потреба од итно стопирање на овој проект, како печатен материјал беа доставени до Владата на Република Македонија, Министерството за ЖСПП, Министерството за Здравство, Министерството за Култура, Министерството за Земјоделие, Канцеларијата на ЕУ во РМ, Канцеларијата на УНЕСКО во Македонија, од каде до сега нема никаков одговор.

– Затоа, следен чекор на Координативното тело во овој процес на „комуникација“ со надлежните државни институции, е протестната манифестација која ќе ја одржиме на местото предвидено за изградба на депонијата. Уште еднаш, ние жителите на општина Дебрца, цивилизирано ќе пратиме порака до Владата на РМ,  да се земат во предвид понудените и несоборливи аргументи на Координативното тело и населението на Дебрца, за стопирање на понатамошните активности за реализација на проектот. Посочуваме, дека протестната манифестација нема никаква поврзаност со претстојните локални избори и не може да биде користена за такви цели. Нудејќи цивилизирана форма на комуникација, бараме соодветно однесување и од надлежните државни институции, информираат од Координативното тело.

Инаку, по однос на ова прашање, а согласно одлуката на советот на Општина Дебрца, на 15-ти октомври ќе се одржи референдум против изградба на депонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука