август 15, 2019

Охрид, 15. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – На Македонија, доколку не постигне, далеку поголема од планираната стапка на развојот, од 3,3 проценти, ќе и’ требаат децении, за да биде она што, на пример, Хрватска веќе била во 2015 година.

Со вакви предвидувања, се обрати д-р Александар Дединец, кој, во рамките на „Научната и уметничка визита Охрид – 2019“, се обрати во Куќата на Уранија – МАНУ, со предавањето „Енергетската политика во Македонија во функјција на одржлив развој“.

Образложувајќи ги научните методи во функција на политиката, Дединец напомена дека, основната задача на сите чинители во општеството, е да пронајдат начин како да ги задоволат потребите на населението на денешницата, а, притоа, да не се загрози утрешнината на идните генерации. Задржувајќи се на климатските промени и одржливиот развој, Дединец, посебно напомена, дека, битни компоненти на развојот, покрај економијата, се животната средина и социјалата.

– Од Парискиот договор се повлече земјата која ја уништува со најголема емисија на ПМ честички – САД. Самиот договор предвидува лимит од 2 проценти пораст, кој на стартот е енормен. Одговорот е во обновливите извори на енергија, во пенетрацијата на електричните возила, во смалувањето на фосилните горива, во зголемувањето е не деградацијата на шумските комплекси. За нашата земја, особено е важно да ја следи Европската енергетска политика и стандардите кои Брисел ги поставува. А тие упатуваат на зголемување на енергетската ефикасноист за 32,5 проценти, односно смалување на стакленичките гасови за 40 проценти до 2040 година, напомена Дединец.

Во нашата земја, новиот закон за енергетика ги третира прашањата на одржливиот развој. Но едно е да се носат закони, а други да се имплементираат. Особено заостануваме од аспект на растот на таканаречените зелени работни места.

– Кај нас навистина се работи на нова стратегија од аспект на одржливиот развој. Се работи и во Сребија, но и таму не е завршена работата. До крајот на годинава, евентулано Хрватска може да финишира. Од друга страна заштитата на природната средина не е само национален, туку регионален и глобален проблем. Ние треба да работиме на преносните системи на електрична енергија во прекуграничната размена, но и на редукција на фосилните горива. Термоелектричната централа „Осломеј“, во ниту една варијанта, не треба да работи, а РЕК Битола – само со редуциран капацитет. Но, со истиот проблем се соочува и Србија, но и другите земји во регионот.

Во поглед на новата европска регулатива Македонија се подготвува за три сценарија. Оптималното е во тој клуб да се најде во 2025, следната летвичка е 2027, наредната 2030 година. Но, тоа се само посакувани сценарија и цели.

– Светот го очекуваат нови и големи предизвици: Деградација на земјиштето, смалени приноси на посевите, нов тренд – климатски миграции, или бегалци. Климатски апархејд-положбата на нјајсиромашните е драматична.Пораст на глобалното затоплување – од една, а никаков напредок во смалувањето на емисијата на гасовi. Го имавме најтоплиот јули, Грендланд се топи и ги потопува морињата, просечното годишно затоплување веќе оди кон 1 процент. Алармот еодавна запален. Од друга страна, ниту една од балканските влади не размислува старите термо електрични централи да ги испрати во историјата. Јаглен диоксидот е проблем над проблемите. И на сето тоа повлеккувањето на САД од Парискиот договор. Ако е некаква утеха и добра вест, тоа е што одделни држави на САД, водат самостојна политика и се мошне добро ги исполнуваат обврските, рече Дединец во рамките на предвањето.

Д-р Александар Дединец е роден на 22-ри октомври 1986 година во Радовиш, каде што завршил основно и средно образование со континуиранo одличен успех. Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (2005-2009 година) го завршил со просек 9,24. Дипломирал на тема „Примена на софтверскиот пакет Microsoft Robotics Studio во управување на роботи“. Постдипломските студии (2009-2011) ги завршил на истиот факултет, со просечна оцена 10, и со магистерски труд „Напредни интелигентни стратегии за навигација на мобилни роботи во непознати околини со примена на видео сензори“.

Во април 2018 година успешно ги завршил докторските студии (трет циклус на студии по ЕКТС) на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ – Скопје, со просек 10,00. Докторска теза со наслов “Развивање на методи за планирање на одржлив развој на енергетските системи” ја одбранил на Факултетот за електротехника и информациски технологии. После дипломирањето, во периодот октомври – декември 2009 година е ангажиран на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот, „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во одржување на лабораториски вежби по Физика 1, во својство на демонстратор и во периодот ноември – декември истата година на Електротехничкиот факултет во Радовиш, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип по предметот Информатика. Од почетокот на 2011 година е ангажиран како асистент истражувач во реализација на проекти во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, а од 2018 година е вработен во Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ како Соработник истражувач.

Д-р Александар Дединец својата научноистражувачката и стручно-апликативната дејност во изминатите осум години ја остварува пред се преку учество во реализацијата на 48 проекти. Во овој период учествувал во 23 проекти реализирани од страна на научно-истражувачките центри на МАНУ. Како резултат на неговото учество во реализација на научноистражувачки и апликативни проекти, од 2014 година, д-р Александар Дединец е ангажиран и од страна на реномирани светски институции (USAID, UNDP, Енергетска заедница, Хрвоје Пожар и други), во својство на независен консултант, во реализација на дополнителни 25 проекти од ова подрачје.

Објавените трудови на д-р Александар Дединец произлегуваат од продлабочените анализи спроведувани при реализацијата на научноистражувачките проекти. Тој е автор или коавтор на 41 труд од подрачјето на одржливиот енергетски развој при тоа 13 од нив се објавени во врвни светски списанија со фактор на влијание, 21 труд во зборници на трудови и 6 во зборници на апстракти. Дополнително има учествувано на повеќе од 50 работилници како во Македонија така и надвор од Македонија. На голем дел од нив ги има презентирано резултатите од проектите на кои има работено или има држено обуки, додека на дел од нив го има надградено своето знаење. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука