Охрид, 23, јануари 2015 (ИНПРЕС) – Агенцијата за филм ги соопшти резултатите од првиот конкурс, објавен по донесувањето на новиот Закон за филмска дејност. Подржани се вкупно 23 играни, документарни и анимирани, долгометражни и краткометражни филмови, а по 50 години години, за прв пат ќе се снима филм за деца.
Меѓу нив е и филмот „Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперковски, како дел од „долгометражните играни филмови со македонски мнозински удел“. Сите избрани проекти ќе се буџетираат со вкупно 134 милиони и 300 илјади денари, од кои за филмот на Пиперковски ќе бидат одвоени 16 милиони денари.
Покрај Пиперковски, долгометражни остварувања ќе снимаат и Арбен Тачи, Игор Иванов и Борјан Зафировски, а Република Македонија влегува како копродуцент и во филмовите на Дамјан Козоле од Словенија, Флориан Гааг, Адриано Валерио од Италија и Фатон Бајрактари од Косово. Според директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески, фокусот на конкурсот бил кон подршката на режисерите дебитанти.
Интересот на апликантите бил свртен кон анимираните филмови, а помал бил за кратките документарни остварувања. Согласно Законот за филмска дејност и новиот правилник на Министерството за култура, изборот на филмовите на режисерите што конкурирале бил посложен и го земал предвид сценариото и нивниот минат труд.
– Буквално се бодува секое учество на А категорија фестивал, на Б категорија фестивал, награда освоена на меѓународен фестивал, број на гледачи, број на земји каде е продаден филмот, објаснува директорот на Агенцијата за филм, Башески.
Башески најави 7 премиери во 2015, на филмови снимени во 2014 и 2013 година и 6 до 8 што ќе се снимаат годинава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива