декември 13, 2017

Охрид, 13. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Делегација составена од директорот, наставници и ученици од ОУ „Ванчо Николески“ беше во тридневна посета на училиштето „Светозар Маркович“ од Лесковац, Република Србија со кое пред четири години потпиша повелба за збратимување.

– Идејата за збратимување првично беше поттикната од сличноста во имињата на местата на живеење (Лескоец-Лесковац), но за брзо време тоа дружење прерасна во едно искрено пријателство проткаено со квалитетна соработа, како и со многу високо ниво на стручна размена и усовршување, велат од училиштето.

Во текот на изминатите 4 години овие две училишта обострано градат и негуваат една успешна приказна, која се базира на меѓусебна размена на стручни искуства, реализација на заеднички проекти во кои се вклучени наставници и ученици од двете училишта, како и на меѓусебни посети по повод празнувањето на денот на училиштата.

posetasrbija2По повод одбележувањето на Денот на училиштето на ОШ „Светозар Маркович“ побратимите од Лескоец им подарија 101 книга на македонски јазик, со цел наставниците и учениците од Лесковац повеќе да се запознаат со македонската книжевност и нивното пријателство уште повеќе да се продлабочи. Книгите беа донирани од страна на наставниците и учениците во рамки на акцијата „101 за побратимите“, акција која претходно беше поттикната и реализирана од страна на наставник по македонски јазик и библиотекар од ОУ „Ванчо Николески“.

– Акцијата симболично беше насловена „101 книга за побратимите“, со цел нашето пријателство да трае долги години, велат од училиштето. Во рамки на свечената програма од ОШ „Светозар Маркович“ учениците од ОУ „Ванчо Николески“ под менсторство на две наставнички настапија со креативен перформанс „Самовилска свадба“, преку кој ја доближаа македонската музика и игра до публиката, а истовремено пренесоа порака на љубов и пријателство.

posetasrbija3Наставниците и учениците во текот на посетата во Лесковац активно беа вклучени во креативни ликовни и научни работилници, во рамки на кои учениците твореа и учеа нови работи, притоа дружејќи се со нивните врсници. Во дел од организираните активности нашите ученици имаа можност да го покажат своето знаење и талент, а за тоа да бидат соодветно наградувани.

Во знак на долгогодишна квалитетна соработка и дружење, како и желба истото и понатаму да се продлабочува, директорката на ОШ „Светозар Маркович“ додели благодарница на директорката од ОУ „Ванчо Николески“.

– Ова е едно исклучително искуство како за учениците, така и за нас возрасните од двете училишта. Горди сме на ова збратимување, го негуваме низ годините, а од година во година се чувствува како се продлабочува и проширува квалитетот на оваа соработка. Ги очекуваме побратимите во мај на одбележување на нашиот патронен празник, за кога веќе е договорен следен проект и следни активности, изјави директорката на ОУ „Ванчо Николески“, Елена Ел Нади. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука