Охрид, 16. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Делото „Под вода“ на познатиот охридски уметник Сашо Блажес ќе биде изложено помеѓу 13-те финалисти од Европа за наградата Premio COMEL, Contemporary Art Award, Италија.
За 13-те финалисти е организирана изложба која ќе се отвори вечерва од 18:00 часот во галеријата Spazio COMEL Arte Contemporanea во историскиот дел од Латина, Италија, а на крај ќе бидат доделени две награди, една од стручното жири и друга од публиката.
– Premio COMEL, Contemporary Art Award е годишна награда која во современата уметничка панорама е помеѓу најиновативните Европски награди денес. Специфичноста на овој овој конкурс е тоа што на него учествуваат уметници кои го користат алуминиумот како главен медиум во своето творештво.односно изборот се заснова на дела изработени во која било техника: сликарство, скулптура, дизајн, фотографија и монтажа,но кои користат алуминиум како главен и значаен елемент, откри неодамна за Супер радио и OhridPress уметникот Блажес.
Наградата за современа уметност Premio COMEL, Contemporary Art Award е родена во 2012 година во спомен на г-ѓа Вана Миглиорин, на нејзината страст за уметноста, на нејзиниот ентузијазам за поддршка на иновативни проекти. Во 1968 година, со нејзиниот сопруг Мацола Алфонсо, ја основа CO.ME.L. Commercio Metalli Latina (сега COMEL Industrie) во Латина, водечка компанија во трговијата и преработката на полупроизводи од алуминиум која ја промовира и поддржува наградата COMEL во брилијантен пример за синергија помеѓу уметноста и бизнисот.
Годинешната, единаесетта едиција на Premio COMEL е насловена „Aluminium under the surface“ и на неа учествуваа над 300 уметници од Италија, Франција, Шпанија, Германија, Грција, Бугарија, Полска, Ирска, Словачка, Холандија, но и уметници од Јужна Африка, САД, Кина и Јужна Кореја. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива