Скопје/Охрид/Струга, 10. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – 21 од украдените и потоа пронајдени икони во Албанија денеска ќе бидат вратени дома, со што ќе останат уште дваесетина икони кои незаконски беа изнесени од државата.
– Иконите ќе бидат соодветно спакувани за да не се оштетат при превозот. Ќе ги донесеме во Музеј на Македонија каде работи и стручниот тим кој се грижи за нивна конзервација. Кога ќе се вратат иконите треба да помине рок помеѓу 30 и 45 дена во кој тие треба да бидат затворени, по што ќе се изложени во Музеј на Македонија, за подоцна ќе се вратат на МПЦ-ОА, истакна неодамна министерката Костадиновска- Стојчевска.
Од МПЦ-ОА своевремено пријавиле дека се украдени иконите, кои подоцна историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ случајно ги видел и ги препознал на телевизиски прилог кога албанскиот премиер Еди Рама влегол во депо каде имало многу украдени добра во 2013 година.
– Постапката тече со одредени застои. Ова беше долга процедура во која беа вклучени многу тела и институции. По бројните вакви немили настани во кое беа украдени бројни вакви уметнички дело, од кои дел исчезнаа неповратно, Црквата има грижа да води поголема грижа за безбедноста на иконите. Како министерство за култура им стоиме на располагање на МПЦ-ОА ако има потреба од подигнување на нивото на безбедноста. Мора да си го чуваме културното наследство, не само иконите. Тоа е процес во кој не сме сами како министерство. Од МПЦ-ОА се согласија да се зголеми безбедноста, но тоа останува на нив. Како министерство, откако ќе го помине процесот на отстојување од 45 дена, тие ќе ги преземат иконите и ќе ги вратат назад од каде се украдени. Ќе треба да го поминеме истиот процес да се вратат и следните 21. икони. Научивме како да се води процесот кој се надеваме дека нема да ни треба повеќе. МПЦ мора повеќе да вложи во безбедноста, потенцира министерката за култура.
Во ноември минатата година беше потпишан договор за соработка меѓу Албанија и Македонија за враќање на незаконски изнесените икони во земјата на потекло. Со истиот беше предвидено враќање на 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата, а постапката беше предвидено да се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Со ова се отвори процесот за враќање и на други икони од Албанија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива