Охрид, 30. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, на еден ден пред вториот круг од локалните избори во Охрид, своето право на глас во Охрид ќе го искористат 311 болни и изнемоштени лица.
– За гласање во вториот круг на локалните избори се пријавија нови 112 болни и изнемоштени лица, кои заедно со 199-те од првиот круг на кои им е признаено правото на глас, дојдовме до бројка од 311 лица кои ќе гласаат во домашни услови. За разлика од првиот круг, сега има пријавено 13 лица кои се ковид позитивни или се во изолација, вели за Супер радио и OhridPress Антигона Сионов од Општинската изборна комисија.
На осмите локални избори во Охрид право на глас имаат 52.477 граѓани. Ќе се гласа на 88 избирачки места. За овој изборен циклус имаше измени на две избирачки места. Запишаните избирачи на гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“, односно на гласачко место 1256. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ своето право на глас го остваруваат на избирачкото место 1274, сместено во музичкото училиште „Методи Патче“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива