Охрид, 6. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е Бадник, ден наспроти еден од најголемите христијански празници Божик.
Утрово во сите парохиски цркви во Охрид ќе се одржат свети литургии, кои ќе продолжат и за Божикните празници.
Денот наспроти Христовото раѓање се празнува со низа обичаи. Со традиционална бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во престојната година православните христијани ќе ги дочекаат Божикните празници, претежно во кругот на најблиските. Според верувањата и обичаите, на богатата бадникова посна трпеза ќе се најде и лепчето со паричка, а оној кој ќе го најде, се верува дека ќе го прати среќа во текот на годината.
Од рано наутро најмладите коледари во духот на традицијата со пеење бадникови песни ги посетуваат домовите на охриѓани, најавувајќи го раѓањето на Синот Божји.
Според Библијата Бадниковата вечер е „Вечер на Раѓањето”. А оние кои најстрого го почитуваат божикниот пост, на овој ден се воздржуваат од секаква храна, освен вода се до вечерта кога започнува бадниковата вечера.
Таа се одбележува во кругот на семејството, а започнува кога на небото ќе се појави првата ѕвезда. По вечерата посната трпеза не се раскрева, туку се остава така се до утрото, големиот ден на Христово раѓање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива