Охрид, 14. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Велики Петок е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија.
Затоа гетсиманските настани се вбројуваат во Велики Петок. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.
Од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.
И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.
Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава).
Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота.
Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе.
Навистина збунува тоа, како било можно Јуда три и пол години да биде апостол и близок „ученик Христов“, еден од дванаесетте, кој постојано ги слушал зборовите Господови и ги следал Неговите чуда, а на крајот, да се оттргне и да Го предаде. Ова предавство на Господа се повторува многупати низ времињата и после Јуда, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, претставува предавство и христоодрекување. Затоа, и ние треба да се запрашаме како апостолите, кога Исус им рекол: „еден од вас ќе Ме предаде“, па да велиме: „да не сум јас?“ (Марко 14,18-19).
Ноќта Христос бил фатен, врзан и одведен на суд пред Јудејското собрание (Марко 14,43-49; Матеј 26,47-56; Лука 22,47-53; Јован 18,3-12).
Исплашени од случајот во Гетсиманија и збунети затоа што Господ Исус Христо не дал отпор, светите апостоли се разбегале (Марко 14,50-52). Помислиле дека може и тие да бидат фатени и измачувани, та, ако Го фатиле и не можел да се одбрани Оној Кој направил толку многу чуда пред нивните очи, тогаш како би се одбраниле тие.
А Христовиот совет, пак, кон нив за таквите случаи гласел: „Ако ве падат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10,23). Тие така и постапиле. Се разбегале. Но, покрај стравот и сеќавањето на ваквата порака, сепак, разбегувањето на апостолите значело и исполнување на Христовите зборови: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците.“ (Марко 14,27; Зах. 13,7).
Ова претставува и голема болка за Господа Исуса Христа, зашто Он никогаш не ги оставил Своите апостоли кога биле во опасност, а тие Него, ете, Го напуштиле. Во библискиот јазик, изразот „соблазнување заради Христа“ значи дека некој не е способен да го разбере Христовото учење и дело и дека го нема во себе духовниот клуч за да влезе во тајните Божји, ниту име светло кое ќе го расветли патот Божји по кој треба да врви до вечното царство. А тоа се добива како дар од Светиот Дух. Тоа го добиле и апостолите при слегувањето на Светиот Дух врз нив на Педесетница (Дела 2-ра глава). И оттогаш, јасно, точно и правилно го разбирале Христовото учење и дело. (Крај)
извор: Бигорски фото: архива